Преговорите може да започнат откако Бугарите ќе бидат внесени во Уставот на нашиот западен сосед, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев на брифинг со новинарите пред вонредниот состанок на Европскиот совет во Брисел, пренесе телевизија НОВА.
„Во моментов сме во состојба на вето за членството на Скопје во Европската Унија, бидејќи Бугарите кај нашиот западен сосед се уште не се вклучени во неговиот Устав“, рече Радев.
Радев изнесе и критики за македонските власти во однос на отсуство на постапување, како што вели, „против злосторствата од омраза“.
„Денеска ќе го покренам прашањето за зголемената агресија и ескалирачката антибугарска кампања во РСМ, која води до злосторства од омраза. Очекувам дефинитивна институционална реакција од властите кај нашиот западен сосед и итни активности за откривање на сторителите. За жал, во моментов не ја гледам потребната политичка волја“, рече и Радев.
Тој ги повика колегите на поголема солидарност и посветеност на темата за правата на македонските Бугари и побара од ЕУ да наметне мониторинг и гаранции за нивно почитување.