Рашковски ја тужи обвинителката во случајот „Софтвери“ – „Ја излажа и сѐ уште ја лаже македонската јавност“

Oбвинителката која го води случајот „Софтвери“ ја излажа и сѐ уште ја лаже македонската јавност, тврди поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски кој вели дека поднесол кривична пријава против обвинителката која го води случајот и против стручен соработник во обвинителството.

„Потребата од сензационализам и неуспешноста во извршување на своите задачи за кои се платени, а притоа нанесувајќи огромна штета врз угледот на правосудниот систем со неизвршување на своите работни задачи, некои обвинители и нивни стручни соработници сакаа да ја сокријат со монтирање на кривично правни предмети, преку кои се сакаше да се креира перцепција кај јавноста за неприкосновеност, непоколебливост и неселективност, а во позадина на истото се криеше токму спротивното на што е додадено гола амбиција преку газање врз човековото достоинство да се дојде до шефовското место, ветено од претходничката“, се вели воо соопштението кое поранешниот генерален секретар на Влада го испрати до јавноста.

Рашковски информира дека се поднесени кривични пријави против јавен обвинител и стручен соработник.

Advertisements

„Со цел да предизвика омраза кај јавноста, основната јавна обвинителка која го водеше и сѐ уште го води случајот “Софтвери” ја излажа и сеуште ја лаже целата македонска јавност. Затоа, сакаме да ве известиме дека е поднесена Кривична пријава против истата И.Т како јавен обвинител и против стручен соработник О.А. во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. При тоа, ова нема да е последната кривична пријава, туку е една меѓу првите, за истото е веќе поднесена и претставка за нејзината работа до Советот на јавни обвинители, Републичкиот јавен обвинител и до Шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За сето ова ќе биде известена во детали и целата меѓународна заедница. Со цел јавноста да биде објективно известена, Ви го ставаме на располагање еден од документите кои јавната обвинителка го има сокриено како од судиите кои одлучувале во сите досегашни фази, така и од јавноста“, се вели во соопштението.

Појаснувајќи ја кривичната пријава, Рашкови посочува дека првопријавената како основен јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за геноње на организиран криминал и корпупција на ден 20.05.2021 година доставила барање за доставување на документација до Генерален секретаријат на Република Северна Македонија под број КО 36/21. На истото барање од страна на генералниот секретаријат и било одговорено со допис број 45-5165/11 во кој од страна на Генералниот секретаријат е наведено дека примопредавање е извршено на целокупната опрема која е наведена и во двата предметни договори, дека е извшрено примопредавање на софтверите и попис на предметната опрема, како и Записници од технички прием и предавање на опремата од софтверските решенија.

„Првопријавената, потпомогната од второпријавениот како стручен соработник при вршење на увид од страна на оштетените на 30.06.2021 година не им го дале овој допис, иако согласно Законот за кривична постапка, особено член 70 е должна да ја стави на располагање целокулната прибрана документација. Исто така најбитно, знаејќи дека со ваквиот допис во целост се побива обвинението против двајцата оштетени, првопријавената овој допис ГО СКРИЛА и не го приложувала ниту кон списите на предметот кога се вршело продолжување на мерките притвор против оштетените, како и не го поднела во листата на докази при поднесување на обвинителниот акт, свесна дека со овој допис во целост поднесениот обвинителен акт е беспредметен“, се вели во соопштението на Рашковски.

Во соопштението се посочува дека со ваквите дејствија првопријавената, помогната од второпријавениот ја довеле во заблуда целата јавност, при што во своите јавни настапи тврдела дека предметните јавни набавки не се испочитувани, иако до неа била доставена целосна документација.

„Првоипријавената, помогната од второпијавениот, со цел да предизвика омраза од јавноста кон двајцата оштетени, овој доказ не го приложила ниту при поднесување на обвинителниот акт, ниту во листата на докази кои се доставени до судечкиот совет, со цел да се предизвика погрешна перцепција кај јавноста дека оштетените постапувале спротивно на закон, како и да ги доведе во заблуда судиите кои одлучувале да донесат решенија кои не соодветствуваат на фактичката состојба. Првопријавената, помогната од второпријавениот како стручен соработник кој целосно бил вклучен во предистражната и истражната постапка за предметото кој се води против оштетените го сокриле и прикриле ваквиот доказ доставен од страна на Генералниот секретаријат од судијата кој одлучувал за прифаќање на обвинителниот акт, свесни дека со приложување на таквиот документ обвинителниот акт би бил беспредметен и немало да биде одобрен“, вели Рашковски.

Оштетените го побарале ваквиот допис од Генералниот секратријат со два дописи при што и со допис од 07.03.2022 година под број 46-687/7 потшишан од тогашниот генерален секретар, како и со допис 46-10949/13 од 29.12.2022 година потпишано од сегашниот генерален секретар на Владата е потврдено и е доставена копија од дописот кој првопријавената и второпријавениот го скриле.

Рашковски тврди дека е направено кривично дело од страна на јавната обвинителка и стручниот сорабтник.

„Со опишаните дејствија, првопријавената сторила повеќе кривични дела и тоа: „Противправно лишување од слобода“ од член 140 став 5 в.в став 1 од КЗ на РСМ, кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 3 в.в став 1 од КЗ на РСМ, кривично дело „Несовесно работење во службата” од член 353-в став 3 в.в став 1 од КЗ на РСМ, кривично дело „ Лажно пријавување на кривично дело” од член 366 став 1, 2 3 и 4 од КЗ на РСМ, кривично дело „Спречување на докажување” од член 368 став 1 од КЗ на РСМ. Со опишаните дејствија, второпријавениот сторил повеќе кривични дела и тоа: „Противправно лишување од слобода“ од член 140 став 5 в.в став 1 од КЗ на РСМ, кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 3 в.в став 1 од КЗ на РСМ, кривично дело „Несовесно работење во службата” од член 353-в став 3 в.в став 1 од КЗ на РСМ, кривично дело „Поднесување лажни докази” од член 366-а став 2 в.в став 1 од КЗ на РСМ, кривично дело „Спречување на докажување” од член 368 став 1 од КЗ на РСМ в.в со член 24 став 1 и 2 од КЗ на РСМ“, се вели во соопштението на Рашковски, притоа најавувајќи дека дополнително јавноста ќе биде запознаена со сите детали на овој случај.