Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски најавува тужба против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК, Вилма Русковска после вчерашните изјави во дебатна емисија, пишува порталот Локално.
Тој во кратка изјава за порталот вели дека подготвува барање за јавно извинување, а доколку не следи, ќе поднесе тужба за клевета и навреда од страна на Русковска.
Обвинителката вчера во „Топ тема“ на Телма изјави дека била разрешена од функцијата затоа што отворила истрага против Рашковски. Таа рече и дека имала притисок и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат ѝ било понудено да стане заменик републички Јавен Обвинител.
Русковска претпоставува дека со понудата на тие повисоки функции, ако таа ги прифатела, можеби ќе требала и да ја повлече, односно да се откаже од истрагата за случајот со Рашковски.
„Освен притисоците за Рашковски и заканите кои ги имав, други пречки не сум имала“, рече Русковска.
Рашковски е обвинет во случајот „Софтвери“ за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”.