Штипските пекари како никој во државава ги изненадија граѓаните и понудија најевтина цена на лебот откако Владата ја замрзна цената на 33 денари.
Македонската информативна агенција (МИА) пренесе изјава на штипјанецот Николче Малинов, сопственик на пекарата „Штипски сокак“, кој вели дека некои пекари ја намалиле цената на лебот и за пет денари. Тој тврди дека рафтовите на пекарите не биле празни, како што се пожалија скопјани утрово, откако пекарите се заканија дека нема да продаваат леб по замрзната цена.
„Ние го намаливме лебот и од денеска се продава по цена од 30 денари и леб ќе има. Ние не се приклучуваме кон заканите. Леб ќе има“, вели Малинов за МИА.
Леб и пецива има и во останатите пекари во Штип, како и во супермаркетите, пренесува агенцијата и потсетува дека одлуката на Владата ќе важи до крајот на мај.