Министерот за здравство Фатмир Меџити го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, проф. д-р Сашко Јовев.
На новинарските прашања зошто е разрешен кардиохирург кој го предводеше тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во државата, министерот, одговари:
„Веќе нема да има директори кои седат и спијат по 5 години, 10 години, немаат никаков резултат. Затоа здравството ни е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во сѐ другото, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите понатаму со мене како министер нема некој да седи шест месеци и да нема извештај за сработеното“, рече Меџити.
На прашања на новинарите, каква грешка направил д-р Јовев, министерот рече само дека имало нерегуларности, а одговорите ќе ги дадат стручните служби.
„Тоа е кадар на коалициониот партнер на СДСМ, тие ќе предложат друго име. Нема никој тука засекогаш, бесмртен да биде. Ниту јас, ниту другите, ниту директорите. Здравството е жива материја. Кој нема да сработи, ќе биде отпуштен од функцијата“, рече министерот.