Ревизорите открија незаконски исплати на дежурства во битолската болница и акцелератор во бункер

Државниот завод за ревизија во својот последен извештај кој се однесува на работењето на Клиничката болница во Битола во периодот од 2022 година констатирал низа неправилности. Во извештајот се нотира дека на ниво на цела година во просек се креирани само 39 проценти од законски задолжителните термини за здравствени услуги генерирани во Мој термин.

Околу 36 милиони денари се исплатени по основ на дежурство, без побарана согласност од Министерството за здравство за воведување на истите. Се исплаќале и дежурства на немедицински кадар, во износ од  919 илјади денари. Седум милиони денари биле исплатени и за прекувремена работа на 303-ца вработени, но за тоа не бил известен инспектор на трудот и не се воспоставени контроли на бројот на реализирани часови, поради што 41 вработен оствариле прекувремена работа над дозволениот максимум од 190 часови, за што се исплатени околу еден милион денари.

Констатирано е дека во 42% од ревидираните фактури постојат разлики во бројот на фактурирани работни часови и бројот на часови прикажани во извештаи/спецификации за сработеното, поради што фактурирани се околу еден милион денари  повеќе од реално извршените работни часови.

Advertisements

Болницата воспоставила пракса ненаплатените побарувањата за извршени здравствени услуги на крајот од годината без предлог на пописна комисија и одлука на Управниот одбор, да ги евидентира како сомнителни и спорни поради што неосновано е намалена состојбата на вкупните побарувања во износ од приближно 97 милиони денари, од кои 92 милиони денари се постари од 5 години, а за 98% од побарувањата по овој основ не се доставени докази дека се преземени мерки за нивна наплата и постои ризик од застарување.

Во периодот од 2019 до 2022 година евидентирани се побарувања во вкупен износ од приближно 12 милиони денари кои претставуваат акумулиран износ на разлика помеѓу пресметана и уплатена партиципација на сметка на Болницата.

Ревизијата констатирала и дека 6.268 пациенти користеле здравствени услуги на приватно, но на сметката на Болницата уплатени се за 2 милиони денари помалку пари, односно 63% пресметани по овој основ.

Во посебен објект (бункер) во болницата сместен е линеарен акцелератор кој се користи за третман на онколошки заболувања, за чија набавка и инсталација од страна на Министерството за здравство во периодот од 2012 до 2017 година доделени се договори за јавна набавка во износ од 172 милиони денари, а кој до денот на ревизијата не се користи и не е внесен во сметководствената евиденција.

Од страна на Болницата дадено е образложение дека апаратот не се користи поради недостиг на дополнителна опрема потребна за негово функционирање како и недостиг на соодветен квалификуван кадар. Имајќи ја предвид потребата од подобрување и зголемување на достапноста на онколошките здравствени услуги и рационалното користење на буџетските средства, ревизијата укажува дека е потребно во најкус можен рок да се преземат активности од страна на Болницата во соработка со Министерството за здравство за ставање на апаратот во употреба.