Проверката на состојбата треба прво да почне од врвот, од имотот на функционерите, вели Бојан Трипуноски, генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани УПОЗ, во изјава за Слободна Европа ,откако премиерот Димитар Ковачевски побара од директорите на УЈП и Царина да ја проверат имотната состојба на нивните вработени во време кога тие бараат зголемување на платите и најавуваат генерален штрајк.
Според Трипуноски изјавата на премиерот е притисок и закана во обид да се „скршат луѓето кои штрајкуваат во овој момент.“
„Прво треба да се почне со нив самите, затоа што овие скрининзи за Европската Унија што треба функционерите да ги направат, ги водат токму административните службеници. Голем број од административните службеници се веќе во тие преговори. Сметам дека првично треба да се почне од функционерите, а потоа, зошто да не се дојде и до вработените. Изјавата на премиерот Ковачевски може да се окарактеризира и како притисок“, вели Трипуноски.
Изјавата на Ковачевски со право предизвика многу негативни коментари од граѓаните на социјалните мрежи кои го потсетија премиерот дека „рибата смрди од главата“ и дека проверката на имотната состојба треба да почне од функционерите. Реагира и поранешниот министер Џевдет Хајредини:
„Koвачевски со барање до директорите на УЈП и Царина – проверете го имотот на вашите вработени. Ковачевски, провери го прво и ти имотот на првиот и вториот ешалон и расчисти го најголемиот корупциски скандал со ДОЈЧЕ ТЕЛЕКОМ, за што и самиот си сведок“ – напиша Хајредини на неговиот Фејсбук профил.