Приватни автобуси денеска повторно блокираа дел од скопските улици. Оние кои во 6 часот наутро се паркираа на раскрсницата кај тц „Мавровка“, кај Црвениот крст и на булеварот „Илинден“, предизвика долги колони од автомобили, а многу работници доцнеа на работа.
Директорот на превозното претпријатие „Слобода превоз“, Ленин Јовановски истакна дека ќе продолжи да ги блокира улиците се додека не се најде решение со Град Скопје.
Премиерот Димитар Ковачевски ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска за блокадата во Скопје. Коментирајќи го протестот на приватните превозници, Ковачевски рече дека истите луѓе кои водеа кампања за Арсовска денеска имаат прес-конференција по блокадите со автобуси.
Но, од ВМРО ДПМНЕ обвинуваат дека Ковачевски и Арсовска се договориле провизијата од нафта да оди кај владин пратеник.
Министерот за локална самоуправа вели дека Владата има механизам за запирање на блокадата на главниот град од приватните превозници на јавен превоз.
Тој во гостувањето во Дневникот на Сител појасни дека автобусите може насилно да бидат тргнати од улиците, но засега само се следи ситуацијата.
-Еве, да се исцрпат сите можности за разрешување на проблемот па Владата презема мерки, затоа што веќе не е само облигациониот однос и долгот од 1 милион кон приватните превозници. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот, рече Пенов.
Според него, јавниот превоз со главниот град не смеел да престане.