Рускиот свештеник кој наводно е протеран од Македонија бил чест гостин на МПЦ-ОА

Откако МНР деновиве информира дека три лица од руската амбасада се прогласени за персона нон грата, со образложение дека ја прекршиле Виенската конвенција за дипломатско однесување, порталот „Религија.мк“ објави дека забрана за влез во земјава добил и руски архимандрит.

Според порталот станува збор за шефот на руското црковно предворје во Софија Васијан Змеев.

Македонските власти се уште не ја потврдиле оваа информација, а медиумите пишуваат дека Змеев минатата година зачестил со посети во земјава и остварувал средби со претставници на Македонската православна црква. Веста од Скопје предизвика реакции и во Бугарија и тоа во момент кога во Софија тече расправа кој да го назначува шефот на разузнавачките и контраразузнавачките служби. Во моментов тоа е претседателот на државата Румен Радев, но Владата на Кирил Петков и Бојко Борисов сакаат да му ги одземат овие ингеренции.

Advertisements

Според пратеникот од партијата на Кирил Петков, Атанас Атанасов бугарското контразузнавање соработува и со Русија и како пример го посочи рускиот свештеник.

„Тој оди таму да ги извршува функциите на руското контраразузнавање, со цел да создаде раскол во Македонската црква. Мала Македонија, со нејзините служби кои не знам колку се ефективни, констатирале дека рускиот свештеник кој живее служи во Руската црква тука во центарот на Софија, се занимава со разузнавање во Македонија и е избркан оттаму, а тој пет години живее во Бугарија. Го прашувам бугарското контраразузнавање, зарем не се срамат?“, изјави Атанас Атанасов – пратеник од „Продолжуваме со промената“.

Васијан Змеев пред пет години бил назначен на чело на Руската црква во Софија и неколку пати доаѓал и во Македонија. Во земјава во јануари годинава пристигна и рускиот свештеник Антониј кој одговара за дипломатските односи во Руската црква. Тогаш претседателот Стево Пендаровски рече дека нема проблем со посетата на рускиот митрополит, сè додека таа е во рамки на црковните прашања. Сепак, тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин, како што рече, неспорно ја користи црковната дипломатија како една од своите алатки во светот да ја оправда војната во Украина.