Бојан Јовановски во своето прво појавување по подолго време, што е сред изборна кампања, изнесе повеќе тврдења кои се однесуваат на улогата на експремиерот Заев, бизнисменот Камчев и разрешената обвинителка Рускоска. Јовановски вели дека за „Рекет“ има правосилна пресуда, но тоа не значи дека е откриена вистината, вклучително и за тоа каде заврши милионот во торбата „Луј Витон“.
„За парите од „Рекет“ Рускоска и Камчев знаат каде се. Рускоска со овој предмет си направи себепромоција. Таа прво тврдеше дека парите се во мојот дом, па потоа сум ги потрошил на мојата телевизија „1 ТВ“, за на крај да каже дека се потрошени на гардеробата која сум ја носел, а ми беше запленета. Тоа се три различни изјави. Рускоска зборуваше онака како ќе и се погодеше денот, а не со аргументи, изјави Јовановски.
За Заев Јовановски вели дека е човекот кој комуницирал директно со овие лица и беше човек од позиција на моќ кој можел да влијае,
Тој е се’ само не човек кој го бранел законот. Заев изврши влијание за Јордан Камчев да го добие пасошот назад и за тоа имам докази, изјави Бојан Јовановски.
Тој даде и одговор зошто парите на бизнисменот Орце Камчев му ги дал во торба „Луј Витон“.
„Не може да биде во торба „Адидас“, нема да личи. Му ги спакував во торба „Луј Витон“ оти он многу го љуби тој бренд. Па уште и ми замери за тоа дека парите биле по 50 евра. Тоа беше намерно така за да му ја наполнам торбата“, кажа Јовановски.
За Зоран Милевски Кичеец кој призна вина и доби затвор од 3 години, Јовановски тврди тој не знае што всушност признал, а зад случајот „Рекет“ имало политичка позадина, како што рече „тоа се лица кои и денес имаат позиција на моќ и функција“.