„Сакаа да ме фатат на пенал“ – Русковска за притисоците и понудите откако почна да го гони Драги Рашковски

Обвинителката Вилма Русковска во интервју за Топ Тема на ТВ Телма изјави дека предлогот за нејзино разрешување е резултат на истрагата што таа како шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција ја отворила за поранешниот генерален секретар Драги Рашковски.

Таа изјави дека не се кае што по отворањето истрага за Рашковски не ја прифатила понудата да биде избрана за заменик-републички обвинител, а нејзиниот внук во скопското Вишо обвинителство.

„Можеби и тоа беше причината, тогашниот премиер и јавно кажа дека не ми верува мене кога станува збор за овој предмет. Кога бевме сега на дисциплинската комисија, јас го предложив професорот Калајџиев, за сведок-експерт, бидејќи таму се наведува дека сум сторила повреди на законот за кривична постапка, а Калајџиев кој бил дел од законот за кривична постапка, да каже дали јас навистина сум го сторила тоа дело. Но, не беше прифатен како сведок. А како докази за дисциплинската постапка беа наведени само претставките од Арафат Муареми“, вели Русковска, која отворено кажа дека имала притисок и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат ѝ било понудено да стане заменик републички јавен обвинител.

Advertisements

Обвинителката претпоставува дека со понудата на тие повисоки функции, ако таа ги прифатела, можеби ќе требала и да ја повлече односно да се откаже од истрагата за случајот со Рашковски.

Со овие понуди, како што рече, „сакаа да ме фатат на пенал, а тоа е почнувањето предистрага за тогашниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми“.

„Пријавата беше само за поранешниот директор. Во аналите на македонското правосудство ќе влезе дека за наредба за претрес од суд, која е уште во сила, одговара обвинител што досега ниту се случило ниту во иднина мислам дека ќе се случи. Можам да кажам дека оваа одлука ја очекував. Не сум изненадена воопшто. Само сакам да кажам дека уште кога се отвори истрагата за господинот Драги Рашковски, мене ми беше понудено да ме изберат за заменик-републички обвинител. Кога не го прифатив тоа, го зголемија влогот и понудија покрај мој избор за заменик-републички обвинител, и внукот од сестра ми, кој е обвинител во Куманово, да биде избран во Вишото во Скопје. Јас и тоа го одбив“, рече обвинителката Русковска во интервју на ТВ Телма.