Сашко Георгиев е избран за нов претседател на Судскиот совет со 8 гласа „за“ и 4 „против“. Поранешната претседателка Весна Дамева не присуствуваше на седницата, си замина пред почетокот, јави Телма.
Георгиев е член на советот од 2018 година. Тој бил вработен како адвокат во адвокатска канцеларија во Штип, а во 2008 година бил избран за судија во Основен суд Штип, каде до 2018 година работел како судија-кривичар. Во периодот од 2014-2016 година бил член на Управниот одбор на Здружението на судии а во 2017 година бил избран за претседател на Здружението на судии на подружницата во Основен суд Штип.
Од 2014 година е активен едукатор-предавач од кривична материја во Академијата за судии и обвинители, а од 2015 година е предавач во ОБСЕ на тема „Криминал од омраза“.
Георгиев доаѓа на местото на Дамева која беше разрешена од функцијата пред десетина дена на седница за која експертската јавност реагираше дека нејзиното разрешување е незаконско.
Изборот следува откако пред два дена седницата беше одложена, бидејќи членовите не можеа да ги соберат потребните осум гласа за избор на нов претседател. Осмиот глас, како што јави Телма, денеска го дала судијката Тања Чачарова Илиевска, која гласала зз да профункционира Советот.
Дамева беше разрешена на предлог на заменик-претседателот на Советот, Селим Адеми, откако го презеде водењето на седницата. Освен Адеми, уште шест други членови на Судскиот совет гласаа да се разреши досегашната претседателка и тоа Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
Насловна фотографија: Порталб