На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе Одлука за распишување вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ на 30 јуни 2024 година (недела), по повлекувањето од функцијата на претседателот Димитар Ковачевски, информираат социјалдеморатите.
„Согласно роковите во Статутот на партијата ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација.
На седница којашто ќе се одржи в четврток, 30 мај 2024 година Централниот одбор на СДСМ треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката на највисоко демократско ниво од страна на Централната изборна комисија“, се вели во известувањето.
Инаку, Славјанка Петровска и Јован Деспотовски веќе потврдија дека планираат да поднесат кандидатура, а во медиумите како можни кандидати за претседател на СДСМ се спомнуваат и Венко Филипче и Стефан Богоев.
На седницата на 22 мај Димитар Ковачевски и формално поднесе оставка од лидерската позиција. Извршниот одбор на СДСМ ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на јуни во транспарентна и демократска постапка.