СДСМ: Нема разлика меѓу Мицкоски и Апасиев, заедно го лажат народот

Единствени против стратешките интереси на државата, против европскиот пат на државата се Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев. ВМРО-ДПМНЕ и Левица се против членството во ЕУ, а уште една потврда за тоа е фактот што не делегираа претставници во работните групи за уставните измени, се вели во реакција на СДСМ.

„Нема разлика меѓу Мицкоски и Апасиев. Тие се против секоја важна стратешка и државничка одлука. И двајцата не поддржаа ниту почеток на преговорите со ЕУ. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ширеа хистерија, организираа протести кои станаа и насилни. Заедно Мицкоски и Апасиев го лажеа народот за наводно загрозување на македонскиот јазик, го плашеа со асимилација и бугаризација. Лагите им потонаа, преговорите со ЕУ започнаа со заштитен и признаен македонски јазик и идентитет, а тие не го поддржаа ниту Договорот со Фронтекс, како прв Договор со ЕУ потпишан на македонски јазик без додавки и фусноти, признаен од сите земји членки“, велат од СДСМ.

Според владејачката партија, „Мицкоски и Апасиев по секоја цена настојуваат да го загрозат европскиот пат на државата. Нивната понуда е враќање во минатото, изолација и поделби“.

Advertisements

„Деструкциите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица повторно ќе бидат поразени, а државата ќе продолжи по својот европски пат. СДСМ заедно со народот нема да дозволи државата да биде заглавена ниту пак да се врати назад“, велат од СДСМ.