Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара оставка од функцијата на обвинителот Љубомир Јовески.
Борците против корупцијата сметаат дека од изведеното во документарецот „Убиство во Тетово”, истрагата на јавното обвинителство за пожарот во модуларната болница во Тетово не е целосна и не ги цени доволно заклучоците изнесени во Службената експертиза на германските експерти.
„Притоа, во јавноста не се понудени никакви образложенија ниту за тоа зошто е продлжуван рокот согласно ставовите 2 и 3 од истиот член, ниту зашто и покрај ова продолжување, истрагата не резултира со завршница“, вели граѓанската организација.
Во пожарот во тетовската модуларна болница во 2021 година својот живот го загубија 14 лица.
Во врска со случајот, Тетовскиот суд изрече условна пресуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“. Ослободителна пресуда беше донесена за докторот Бобан Вучевски кој се товареше за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Адвокатот Јанаки Митровски бара кривично гонење на државниот обвинител Љубомир Јовески, поради пропустите во истрагата околу пожарот во тетовската модуларна болница.
„Три вештачења кои утврдуваат одговорност кај изведувачот обвинителство ги игнорира, нарачува четврто пази на Електро каде Кочо е професор и види чудо вештачењето не вели нема вина, туку дека е градено согласно спецификација, а спецификацијата ја прави мадам Вања која потоа се запослува кај Кочо!!! Нити обвинителство смеело да даде наредба да се вештачи на Електро, нити Електро смеело да вештачи поради очигледен конфликт на интереси. Апс за Љубомир Јовевски!!!, порача Митровски.
На забелешката дека Анѓушев не е професор на Електро, туку на Машински факултет, тој потсетува
„Она као до вчера беше еден факултет во иста зграда“.