Потпретседателот и пратеник на Демократската унија за интеграција, Изет Меџити се сомнева дека ќе се обезбедат потребните гласови за гласање на реконструкцијата на Владата. Тој рече дека додека Владата обезбедува осум пратеници од Алијансата за Албанците, од парламентарното мнозинство излегуваат повеќе од осум пратеници.
„Со изјавата на премиерот дека имаат 64 пратеници, кога вели тој, мислам дека е да се одржи смиреноста внатре во структурата, внатре во мнозинството и ова говори дека немаат ниту 64. Фактички се потврдува тоа што сум го кажал во континуитет дека сигурно ова говори дека е политичка акробација која нема врска со обединување за Европа, ниту зголемување на мнозинството или стабилизирање на мнозинството, бидејќи гледаме дека осум пратеници можат да влезат, но веќе осум излегуваат. Има најави за повеќе заминувања од владиното мнозинство“, рече Меџити во изјава за ТВ21.
Меџити потенцира дека со реконструкцијата на Владата, ДУИ има изгубено 20 проценти од моќта. Посочува дека ДУИ направила промени во извршната власт, прекршувајќи го статутот на партијата.
Во Собранието во тек е расправа за реконструкција на Владата, со која во владината коалиција влегува Алијансата за Албанците, која има осум пратеници, а излегуваат Алтернатива и Демократскиот сојуз. Пред пратениците се разрешувањата на тројцата министри од редовите на Алтернатива, Беким Сали за здравство, Адмирим Алити за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора.