Се редат обвиненија за Рамиз Мерко, незаконски поставил директорка на училиште во Лабуништа

Основното јавно обвинителство Струга денеска поднесе ново обвинение за несовесно работење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Oбвинението, вели дека струшкиот градоначалник на 31 јануари 2022 година, при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа, назначил лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во Законот за основно образование, и назначената немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа.

Градоначалникот, како што е наведено во информацијата од ОЈО, овозможил на лицето да му се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.

Advertisements

Претходно, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко во врска со набавката на луксузниот автомобил „ауди“, по иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција. Антикорупциска и во 2020 година поднесe иницијатива за кривично гонење на Мерко за набавката на патнички возила, меѓу кои и „ауди А6“ вредно 67 илјади евра, но Обвинителството тогаш го затвори случајот во фаза на предистрага, иако и ревизорите утврдија дека тендерот е спроведен во време на финансиска нестабилност на Општина Струга.

Тој минатата година беше ставен и на „црната листа“ на Стејт Департменот поради наоди за вмешаност во корупција, злоупотреба на фондови и мешање во судството