Македонија денeска избира претседател на државата за следните пет години. Во изборната трка има седум кандидати, а за победа во првиот круг е потребно кандидатот да освои гласови на повеќе од половината од вкупниот број регистрирани гласачи. Ако тоа не се случи, ќе има втор круг.
До 9 часот на избирачките места низ државата гласале 3,85 отсто од гласачите. Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски вели дека изборите се одвиваат мирно, без пријавени нерегуларности.
„Се гласа на 1.480 гласачки места во 80 општини. До 9 часот, во ДИК се пристигнати податоци за излезност на гласачите од 832 избирачки места каде право на глас имаат 402.748 граѓани. Од нив гласале 15.487 лица што значи дека излезноста е 3,85 отсто“. рече Даштевски.
До ДИК досега се стигнати 12 приговори за заштита за избирачкото право односно од граѓани кои не се најдени во Избирачкиот список.
Овие избори ги надгледуваат 950 домашни и 540 меѓународни набљудувачи и 58 странски новинари.
На гласачките места кои се отворија утрово на 24 април во 7 часот, граѓаните ќе можат да го дадат својот глас за еден од седумтемина кандидати за претседател на државата, што е најголем број на кандидати во историјата на претседателските избори.
Право да гласаат имаат 1.814.317 граѓани.На овие избори ќе можат да гласаат и граѓаните кои не успеаја да ги сменат личните документи со името Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор.
За функцијата претседател на Македонија се натпреваруваат актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата на претстојните претседателски избори Стево Пендаровски кој ее прв на листата. Втора е Гордана Сиљановска-Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
Четврт на листата е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска-од Левица, шести е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.
Претседателските избори беа распишани на 14 февруари.