Професорката Гордана Силјановска Давкова, засега е единствениот претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Таа, според партијата, била единствена која се пријавила на огласот кој бил отворен до попладнево во 17 часот.
За нејзината кандидатура ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на РМ која ќе се одржи на 2 март 2024 година.
„Во врска со Јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија ја информираме јавноста дека крајниот рок за поднесување на пријава истекува денес. На истиот се пријави проф-др Гордана Силјановска-Давкова која поднесе план, програма за работа и потребен број на потписи на делегати“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Гордана Силјановска-Давкова беше професорка по Уставно право и Политички систем на Правниот Факултет Јустинијан Први во Скопје. Таа е експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем. Силјановска Давкова е актуелен пратеник во Собранието на РМ.
СДСМ на претстојните претседателски избори повторно ќе му даде поддршка на Стево Пендаровски, тоа како што неофицијално се дознава било одлучено на состанок на раководството на партијата попладнево.
Се очекува за овој предлог во наредните денови да се изјаснат и членовите на Централниот и на Извршниот одбор на СДСМ, а по најавените средби со коалициските партнери е планирана и официјална конвенција за негова промоција на 3 март.
Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) најави дека утре ќе го соопшти својот кандидат, а дел од медиумите, повикувајќи се на партиски извори, објавија дека тоа ќе биде Бујар Османи, актуелниот министер за надворешни работи.
Во претседателската трка влезе и лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.