Силјановска Давкова за Северна: „Никој не може да ви нареди да употребувате нешто што не ви го прифаќа умот и срцето“

Ќе го почитувам, но нема да го употребувам, одговори кандидатката за претседателка Гордана Силјановска-Давкова за тоа каков ќе биде нејзиниот став кон уставното име Северна Македонија како иден шеф на државата.

Во дебатата со противкандидатот Стево Пендаровски кажа дека ќе употребува Македонија и дека на тој начин не прави конфузија.

– Кога кажав дека нема употребувам Северна не мислев дека ќе ги тргам таблите пред институциите и пред меѓународните конференции или во билатералните средби итн. Далеку од тоа. Јас говорам за себе. Правото на самоопределување е и лично право и никој не може да ви нареди да употребувате нешто што не ви го прифаќа умот и срцето. Ќе го почитувам, но нема да го употребувам Северна, ќе употребувам Македонија и никогаш нема да создадам конфузија бидејќи нема да треба да правам дистинкција меѓу Република јужна Македонија. Таква нема. Значи, кога ќе зборувам, јас ќе си зборувам Македонија, македонски, македонско – Северна Македонија нека стои пред мене…меѓутоа јас кажувам за мене, тоа прашање нема да биде никогаш затворено, рече Силјановска-Давкова во вечерашниот дуел на ТВ Телма.

Advertisements

Пендаровски, пак, ѝ реплицираше дека е невозможно да не го употребува уставното име од говорницата во Обединетите нации, во ЕУ, НАТО и други меѓународни институции и дека тоа ќе доведе до исфрлање на државава од Алијансата.

-Кога сте претседател, вие имате право на личен став, да кажувате „вечна Македонија“, „Македонија засекогаш“, каква сакате Македонија кога ќе бидете во приватно својство, во семејството. Невозможно е да бидете на говорница во ОН, да бидете во НАТО, бидејќи сме членка таму, да одите во ЕУ, бидејќи сме кандидат кој преговара, да бидете во Совет на Европа, било каде, значи вие како експерт можете што сакате вербално да кажете. Не можете, нема да ви дозволат, Грција ќе прати прво нота, било кој друг некој ќе прати нота. Тоа значи блокада и таму и исфрлање од НАТО како организација, каде што одвај влеговме и кој ни е многу значаен. Впрочем, и противкандидатката тоа го пишува во нејзината програма, рече Пендаровски.