Синдикатите од јавниот сектор едногласно оценуваат дека со предлогот на Законот за системот на плати во јавниот сектор ќе се намалат правата на работниците во делот за платите.
Според нивните оценки, со предложеното законско решение ќе се елиминира можноста за уредување на оваа материја со колективните договори, со што значително ќе се влијае на укинување на колективните договори во јавениот сектор, со кои се уредува системот на плати и нивната исплата.
На денешниот состанок на кој учествуваа речиси сите сојузи, конфедерации и грански синдикати од јавниот сектор, синдикатите, според Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ), искажаа несогласување со Законот за системот на плати во јавниот сектор и го демонстрираа своето единство против намерата на Владата „да стави рака врз колективното договарање во јавниот сектор и со тоа да ги укине колективните договори“.
Од ССМ велат дека како единствен репрезентативен синдикат во јавен сектор, ниту пак која било друга Конфедерација или пак грански синдикат, во ниту еден момент не биле ниту вклучени, ниту информирани дека Владата подготовува Предлог на закон за системот за плати во јавниот сектор.