Сите им бараат оставки, Судскиот совет си истера избори

Во 15 часот денеска заврши гласањето за двајца нови членови на Судскиот совет по оставките на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски, судија во скопска Апелација во кое учествуваа вкупно 236 судии.

Тие го остварија своето избирачко право на непосредни избори, почнувајќи од 8 часот утрово. Според изборната процедура за која информираше Судскиот совет, по затворањето на гласачките кутии, ќе се избројат резултатите и ќе се направи  записник во избирачките места. Целиот изборен материјал  потоа ќе се носи во Судскиот сове каде се очекува Комисијата за избори  сукцесивно да ги објавува прелиминарните резултати.

„Кандидатите имаат право на два приговора: за начинот на гласање и за објавените резултати, а по истекот на законските рокови, резултатите стануваат конечни“, велат од Судскиот совет.

Advertisements

 Од вкупниот број судии кои излегоа на гласање, 16 судии гласаа во изборната единица во Врховниот суд,  а  220 судии  на 12 избирачки места од  апелационото подрачје на Скопје и управните судови.

Единствен кандидат за член на Судскиот совет од Врховниот суд е врховниот судија, Наќе Георгиев, додека на листата за член од  скопското апелационо подрачје  има двајца кандидати: Антоанета Димовска, судија од Граѓанскиот суд во Скопје и Лазар Нанев, судија од Основниот суд во Кавадарци. Тоа се официјалните информации од Судскиот совет за денешниот изборен ден кој се случи и покрај жестоките критики за ова судско тело од стручната фела, но и од странските амбасади и невладини организации кои препорачуваа да се избере комплетно нов состав на советот поради сите скандали што се случија претходно, наместо да се спроведуваат избори само за испразнетите места по оставката на двајцата судии.

Судскиот совет се оглуши на препораките, но и на забелешките дека во трката влегува и судија за кој претходно имаше претставки за утврдување одговорност поради нестручно работење, како и судијка чија сестра е пратеничка, факт кој според некои експертски мислења може да го обремени изборот поради сомнеж за можни непотистички влијанија, иако во случајов како што велат нашите извори, станува збор за судијка која досега професионално си ја извршувала својата работа. Главно забелешките на правната фела се однесуваат на  судијата Лазар Нанев, од судот во Кавадарци кој веќе носи терет дека нестручно постапувал, а  судијката чија сестра е пратеничка е Антоанета Димовска која доаѓа од Граѓанскиот суд.

Судијата Нанев и е познат на јавноста од аферата „Палермо“ која беше актуелна пред една година кога се бараше одговорност од овој судија и претседател на судот во Кавадарци затоа што заедно со обвинителката Фатиме Фетаи и поранешниот министер за правда Никола Тупанчевски присуствуваа на фудбалските натпревари на македонската репрезентација. Спорно, тогаш беше дека судијата авионските летови до Палермо и до Порто ги примил како подарок од ФФМ, што е спротивно на одредбите на Етичкиот кодекс според кој е забрането судијата, членовите на неговото семејство или лица кои живеат во исто домаќинство со него, да примаат, ниту да бараат никакви подароци.

Коалицијата „Сите за правично судење“, како невладина организација која најревносно ја следи работата на Судскиот совет уште по незаконското разрешување на поранешната претседателка Весна Дамева побара колективна оставка на овој судски орган, но ова нивно стручно мислење беше игнорирано од судиите во советот. Оттаму, побаравме реакција за денешните избори во Судскиот совет:

„После изминатите случувања во Судскиот совет, каде што во неколку наврати беше констатирано незаконско постапување од нивна страна, Коалицијата и останати граѓански организации побараа колективна оставка од овој состав на Советот бидејќи истиот е нелегитимно тело. Сметаме дека избор на целосно нов состав на Советот е најсоодветното решение за да се задржи кредибилитетот на оваа институција и да се врати довербата во нивното работење. Дополнително, сметаме дека потребно е зголемување на транспарентноста би процесот на избор на членови на Советот за да се овозможи јасна слика за идните членови и нивниот интегритет. Во однос на денешните избори, за жал ќе мора да констатираме дека избор на двајца нови членови на Советот нема да ја подобри сегашната состојба ниту пак ќе влијае позитивно на работата на Советот“, вели Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ во изјава за Журнал.мк.

Според неа, кандидирањето и изборот на новите членови на Советот само ќе придонесе кон загрозување на интегритетот на судиите што би биле дел од овој состав на Советот.

„Со оглед на тоа, остануваме на ставот дека сите членови на Советот потребно е да си дадат оставка и да се избере нов состав на ова тело“, додава Петковска.

Резилот во Судскиот совет кој поттикна бура од реакции во јавноста која се уште не стивнува почна со  разрешувањето на поранешната претседателка Весна Дамева. Тогаш стручната фела повика да престане да  се нарушува интегритетот на сите судии, не само на неговите членови. Со свои пораки до колегите во Судскиот совет се појавија и адвокати, професори, поранешни министри. Некои од нив реагираа јавно на социјалните мрежи или на јавни дебати.

Да се потсетиме на тие пораки кои денес не беа послушани од Судскиот совет кој си истера избори, наместо да даде колективна оставка

Според адвокатот Јанаки Митровски, оваа држава се вознемирува само кога САД ќе напише писмо.

„Ова е јадна држава во која Судски совет се вознемирува само кога амбасадорот на САД ќе им пише. Од граѓани, адвокати и остало не им чуе. Ваков вазалски однос е погубен за нас. Еј Македонијо државиште!!!“, реагираше Митровски.

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска изјави дека драмата во Судски совет е само нокаут за веќе паднатото судство на колена.

Остра во својата критика беше и професорката по право, Мирјана Најчевска.

„Поголема банда од судиите членови на Судскиот совет нема Тоа се партиски војници назначени на овие функции единствено со цел да го штитат криминалот на партиските челници. Дајте бре луѓе да се тргнат сите судии и јавни обвинители, а прво овие од советот“, рече професорката Мирјана Најчевска.

Според поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, случувањата во Судскиот совет се хорор и срамота.

„Хорор и срамотилак во ‘највисокиот’ орган на судската власт. Селим Адеми заменик претседател на Советот, изврши пуч и ја презеде власта во Судскиот совет со сила. Овој Селим не ферма ни деловник, ни дневен ред ни закон. Почитува само насилие, кое го изврши поддржан од сите претставници на ДУИ во Советот? Значи може и вака, со насилие? Браво. Сега довербата во судството е рамна на нула. Аферим“, реагираше Маневски.