Скопјанецот кој го запали кафулето на јавниот правобранител во Охрид доби притвор од 30 дена

Охридската полиција поднесе кривична пријава против М.У.(20) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност”.

„На 10.03.2024 во 03.40 часот, тој со уште едно лице, со запалива течност предизвикал пожар во угостителски објект на булеварот „Туристичка” во Охрид. Судија на претходна постапка на М.У. му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, по што е префрлен во Казнено – поправната установа Затвор Охрид за издржување на мерката“, информира МВР.

Инаку, објектот каде што бил подметнат пожарот е на сопственост на јавниот правобранител Агрон Речи.

Advertisements

Обвинителството кое бараше притвор пред неколку дена извести дека двајцата осомничени предизвикале пожар кој го зафатил и го оштетил кафе барот, внатрешноста и надворешноста од деловната зграда на ЈП Градски Пазар и околните објекти, каде што во тој момент живееле и престојувале луѓе, со што предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и поголема имотна штета.​

Обвинителството до Основниот суд Охрид во образложението за предлог за определување мерка притвор вели дека постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство доколку осомничениот се најде на слобода и околности кои укажуваат дека тој ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците.

Фото: Скопје1