Скопјани на социјалните мрежи ја поддржаа иницијативата на градоначалникот на Општината Ценар Горан Герасимовски кој предлага дивоградбите да се стават на располагање на граѓаните наместо да се уриваат. Оваа иницијатива за законски измени градоначалникот ја достави до ЗЕЛС и откако тој тоа го објави на Фејсбук скопјани му порачаа дека „идејата е одлична“ и дека конечно некој се зафатил да направи нешто за граѓаните, а да ѝ се спротивстави на градежната мафија.
Сепак, во позитивните реакции има и сугестеии дека иницијативата може да поттикне други злоупотреби, но и дека може да се проблематизира од уставен, законски и формален аспект.
Градоначалникот Герасимовски се залага да се направат законски измени, со кои ќе им се овозможи на општините да инцираат постапки за конфискација на нелегални објекти и тие наместо да се уриваат да се искористат за потребите на граѓаните од општините каде се конфискува дивоградбата. Герасимовски смета дека ова е уште еден чекор напред во борбата за воведување ред во урбанистичкиот хаос.
„Поднесена е Иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти до моите колеги во ЗЕЛС! Иницијативата има за цел да интервенира во два закони: Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка, со конкретни одредби, чекори и заклучоци. Доколку оваа иницијатива биде прифатена, очекувам широка дебата за носење на квалитетни измени во законите и барам поддршка од сите колеги градоначалници и функционери. Зад ова решение треба да застанеме заедно и заедно да се бориме против дивоградбите“, вели градоначалникот Герасимовски.
Оваа иницијатива, додава тој, ќе отвори дебата во јавноста и многу прашања и дилеми кои внимателно треба да се следат и адресираат во изработката на евентуалните измени во законите.
„Наместо да трошиме пари од буџетот за уривање, предлог законските измени кои ги иницирам овозможуваат општините да иницираат постапка за конфискација на нелегално изградените објекти пред надлежните органи. По конфискација, општината ќе може да ги употреби објектите за потребите на граѓаните. Оваа измена би била огромен чекор напред во однос на превенција од идни дивоградби“, објави градоначалникот на социјалните медиуми.
Герасимовски истакнува дека во Општина Центар има неколку големи дивоградби, чие уривање би чинело стотици илјади евра. Тој порачува дека е време да се направат крупни промени за заштита од урбанистичко насилство.
Оваа објава на градоначалникот на Центар предизвика реакција кај граѓаните кои му додадоа поддршка на Герасимовски во борбата против нелегалното градење, но и сугестии од стручен аспект:
„Иницијативата е во ред од материјален и суштински аспект. Но, не е во ред од уставен, законски и формален аспект. Ова, од причина што со член 244-а став 6 (за кривично дело – бесправно градење) од Кривичниот законик, веќе е пропишано дека изградените недвижности се одземаат. Така што, со иницијатива за конфискација (друг назив за одземање) која ќе се пропише со друг закон, а која конфискација веќе е пропишана со Кривичниот законик ќе се создаде дуалитет кој е спротивен на правната сигурност и принципот на владеење на правото пропишан со Уставот. Треба добро да се разгледа односот со член 244-а од КЗ“, вели Владимир Клековски.
На ова следуваа реакции дека „идејата е одлична! Што се однесува до законитоста, сепак законите ги пишуваат луѓето. Ќе се изнајде правен основ за спроведување на иницијативата, без да се повредат законските прописи“, пишува Марија Стојковска.
Од друга страна, други граѓани порачуваат дека иницијативата е спротивна на Уставот и дека е во колизија со Кривичниот законик и Законот за сопственост и други стварни права.
Секако, дека иницијативата, како што вели и градоначалникот Герасимовски допрва ќе поттикне широка дебата од сите аспекти за да се направат квалитетни измени во законите.