Снегот предизвика многу дефекти, сите мобилни екипи на ЕВН се на терен

Екипите на Електродистрибуција од цела Македонија ја поминаа ноќта на терен санирајќи дефекти во многу лоши теренски и временски услови, информира компанијата.

„Оваа кризна состојба налага соодветна реакција од нашата компанија и затоа во вакви услови се користат апсолутно сите мобилни екипи на располагање. ЕВН воедно вложува енормни напори да се отстранат и дефектите кои се појавија во непристапни места, каде што екипите на Електродистрибуција физички не може да стигнат поради лошите теренски услови. Обилните врнежи од снег предизвикаа голем број дефекти на среднонапонска и нисконапонска мрежа. Жители од повеќе населени места останаа без снабдување со електрична енергија“, велат од ЕВН.