ВИДЕО СНИМКА од тунелот што го ископале затворениците во „Идризово“

Министерството за внатрешни работи попладнево објави видео снимка од тунелот што го ископале затвореници кои сакале да бегаат од затворот Идризово.

Како што објавивме претходно, Бирото за јавна безбедност, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Агенцијата за национална безбедност спречија организирано бегство од Казнено поправниот дом Идризово.

„Министерството за внатрешни работи по добиени криминалистички сознанија дека група од најмалку 8 осудени лица кои издржуваат казна затвор во КПД Идризово, осудени за сериозни кривични дела со определени казни од 10 години до доживотен затвор, подготвуваат бегство од затворот со копање на тунел, спроведе криминалистичко оперативни активности на проверка на информациите по што истите ги сподели со Управата за извршување на санкциите“, се вели во информацијата од МВР.

Advertisements

Откако биле доставени сознанијата до Управата, од нивна страна биле извршени проверки на местото кое било посочено како потенцијален тунел.

„Беше утврдено постоење на ископан тунел во должина од околу 40 метри, лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение, а во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу 1 метар, во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули. Во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот“, велат од МВР.

Министерството за внатрешни работи во координација со надлежното јавно обвинителство презема дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот.