Одоговорност за случајот со онкологија ќе има и одговорните за евентуална злоупотреба ќе бидат изнесени во јавноста со име и со презиме, одговори заменик министерката за здравство Маја Манолева на прашањето на пратеникот Петар Ристески од ВМРО – ДПМНЕ.
На денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, Ристески забележа дека по еден месец од скандалот со онкологија сеуште нема разрешница, изнесувајќи информации од јавноста дека починати пациенти се на листата за терапија, која се препродавала на црниот пазар во земјава и странство.
– Кому се му биле издавани цитостатици, дали странски државјани биле лекувани со цитостатици од македонски осигуреници. Кој дозволил незаконско и неуставно делување на пациентите, во чии џебови се украдените пари и дали има лоцирана одговорност, се дел од прашањата кој пратеникот ги постави до Министерството за здравство.
Заменик министерката Манолева, пак кажа дека постапката со случајот на онкологија не е завршена и согласно тоа неможе да се даваат квалификации дека никој за ова нема да одговара.
– Во секојдневната комуникација и Министерството за здравство и Клиниката за онкологија соодветно соработуваат и ги доставуваат сите потребни податоци на Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство, кои се побарани од нас. Апелираме до овие институции случајот што побрзо да го разрешат за да немаме вакви несоодветни квалификации. Ова ќе биде во интерес пред се на нашите пациенти, бидејќи би сакала да апелирам и да кажам дека не треба да се изнесуваат неточни наводи дека во моментот се искористуваат починати пациенти за злоупотреба на лекот, истакна Манолева.
Според неа, изнесените информации се загрижувачки за пациентите кои се лекуваат, затоа што, нагласи, се шират дезинформации кои може негативно да влијаат на нивната крајна здравствена состојба.
Во однос на долговите на Клиниката за онкологија изнесени во ревизорскиот извештај, Манолева рече дека тие се направени во 2018 година, во времето кога прв пат на Клиниката е воведена биолошката, имунолошка иновативна терапија, која сеуште ја немаат понапредни земји од нашата и оти актуелното раководство веќе намалило дел од тие долгови.
Пратеникот Ристевски кажа дека не е задоволен од одговорот, во кој според него, не слушнал ништо конкретно, посочувајќи ја набавката на акцелераторот, апарат за зрачна терапија од над два милиони евра, кој не бил поставен на Клиниката со образложение дека немало соодветна просторија, а за складиштето во кое се чува се плаќало кирија.