Апелациониот суд во Скопје, по кривичниот предмет KСЖ-406/25, на нејавна седница одржана на 06.05.2025 година, ја уважи жалбата на осомничениот А.Ј. и го промени решението на Основниот кривичен суд.
Притворот за осомничениот беше укинат, прифаќајќи гаранција во висина од 986.540,00 евра (60.672.235,00 денари), со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Македонија и внесување готови пари од 72.000.000,00 денари на сметка на државата.
Во исто време, за А.Ј. се одредени мерки на претпазливост, вклучувајќи обврска да се јавува на одредено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје, како и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова.
При донесувањето на одлуката, судот ги разгледал позитивниот предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и мислењето на Вишото јавно обвинителство, кои се согласија со прифаќање на понудената гаранција.
Гаранцијата во износ од 72.000.000,00 денари е утврдена како еквивалент на претпоставената штета која А.Ј. се сомничи дека ја предизвикал во текот на кривичниот настан.
Одлуката, со сите образложени причини, ќе биде објавена во целост на веб-страницата на судот, согласно со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Во случајот за набавка на токсичен мазут во ТЕЦ Неготино се осомничени 13 лица, меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот.
Првосомничени се Ратко Капушевски и Ерџан Сулакоски, сопственици на РКМ, кои се обвинети за оштетување на државниот буџет за 167 милиони евра. Токсичниот мазут, според извештаите на повеќе институции, имал штетно влијание врз здравјето на граѓаните.