Битолските медиуми пишуваат дека случајот со битолскиот хирург М.С (64) доби судски епилог кој поттикна жалбена постапка од страна на Обвинителството затоа што тој е осуден на условна казна, откако признал дека примил поткуп.
Судењето се случувало во Основен суд Битола. Инаку, станува збор за лекар кој примил поткуп за операција на жолчно ќесе на повозрасна пациентка, а случајот во битолската полиција го пријави кон крајот на јануари семејството на пациентката.
„ За Кривичниот предмет поведен против лицето М.С донесена е пресуда по признание на вина, а на обвинетиот му е изречена алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од 1 (една) година со рок на проверување од 4 (четири) години. Против вака донесената пресуда, ОЈО Битола поднесе навремена жалба и предметот ќе оди на второстепен суд, Апелационен суд Битола, кој одлучува во втор степен по жалби.
Мерката притвор против обвинетиот е укината, со оглед на тоа дека не постојат повеќе причини поради кои истата беше изречена. Односно на обвинетиот со пресудата му е изречена алтернативна мерка, условна осуда. Не е изречена ефективна казна затвор“, велат од Основен суд Битола на прашање на порталот Апла.мк.
Основното јавно обвинителство поднело жалба поради висината на изречената санкција затоа што смета дека не е правилно одмерена согласно одредбите од Кривичниот законик.
Кога беше уапсен лекарот митаџија, Обвинителството во Битола објасни дека осомничениот на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор-хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот ден во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра.
Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите.