Туѓото не се р’чка, Србите ниту имале ниту ќе имаат големец како Ѓорѓија Пулевски! – Галичник се крена против дрска кражба на македонскиот идентитет

Месната заедница Галичник денеска објави реакција, на како што велат, „дрската и навредлива објава на организацијата на Србите во Македонија „Спона”, за македонскиот великан Ѓорѓија Пулевски во која бараат извинување од српскиот културно информативен центар и од сите сите политичари кои се членови на оваа организација.

„Спона“ во објава на Фејсбук нашиот Пулевски, авторот на првата печатена македонска граматика и автор на еден од првите речници на македонски јазик го нарекува „српски родољуб“. 

Реакцијата од МЗ Галичник ја објавуваме интегрално: 

„Месна заедница Галичник во името на секој еден Галичанец и секој Македонец сака да изрази сериозен протест за дрската и навредливата објава на Организацијата на Србите во Македонија Спона, која се однесува на великанот Ѓорѓија Пулевски.

Advertisements

„Грабањето и крадењето на македонскиот национален идентитет со векови е „спорт“ кој го практикувале нашите соседи, а особено кога се работи за нешто што потекнува од центарот на македонската култура, уметност и столб на македонскиот национален идентитет – Галичник“.

Желбата да се присвои Ѓорѓија Пулевски останува само желба и за истата имаме разбирање. Големец како него ниту имале ниту ќе имаат. Останува и само желба бидејќи секој кој знае да чита ќе прочита:

„Народ се вељид људи који се од еден род и који зборувајед еднаков збор, и који живувајед и кои се другарад еден со други, и који имајед једнакви обичаји и песни и весеља, тије људите ји викајед народ, а место во које живувад народ, се вељид отечество од тои народ. Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија. Ѓорѓија Пулевски, Тријазичник 1875 година.“

Немаме никаква потреба ниту да додаваме ниту да одземаме зборови на тоа што Пулевски напишал пред 150 години.

Изразуваме надеж дека ставот на „СПОНА – Српски културно информативни центар“ не е став на официјален Белград и не е став на пријателскиот српски народ кој има високо изградена свест дека туѓото не се р’чка.

МЗГ очекува извинување од страна на СПОНА, како и од сите политичари кои се членови на оваа организација“, се вели во реакцијата на месната заедница Галичник.