Стевчо Јакимовски и Катица Јанева на црната листа на САД сосе семејствата

Градоначалникот на Општина Карпош и кандидат за претседател, Стевч0 Јакимовски и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева се најдоа на црната листа на САД.

Според соопштението на Стејт департментот како причина се наведува дека двајцата биле инволвирани во коруптивни активности.

„Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вмешан во коруптивни дела, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да стекнува корист за себе и за неговите соработници“, се вели во соопштението во однос на Јакимовски.

Advertisements

За поранешната специјална обвинителка Јанева, која е на издржување затворска казна, се вели дека ги користела своите позиции на моќ.

„Во нејзиното службено својство на поранешен специјален главен обвинител на Северна Македонија, Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Постојат веродостојни информации дека Јанева побарала и примила поткуп за да влијае на обвинителството под нејзина надлежност“, се вели во соопштението.

Освен Јанева и Јакимовски, Стејт департментот ги определува и членовите на нивното потесно семејство – двата полнолетни синови на Јакимовски, Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски, и сопругата и возрасниот син на Јанева, Венци Јанев и Лазар Јанев. Овие дејствија ги прават Јанева, Јакимовски и членовите на нивните потесни семејства генерално неподобни за влез во САД.

Се огласи и американската амбасадорка Ангела Агелер.

„Денешнoто обележување на поранешната специјална главна обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски не треба да изненади никого. САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, гранка на владата или заедница вклучена во значителна корупција. Луѓето од Северна Македонија заслужуваат правда и одговорност од своите институции, за да се стопира бранот на криминално однесување и да се спречи ракот на корупцијата“, напиша Агелер на Фејсбук.