Брзината со која „Електра Солушн“ се вклопува во новиот бизнис и станува миленик на власта не застанува тука само со надзорот на изградбата на коридорите. Имено, еден ден откако истата добива лиценца за надзор, таа добива грант од Фондот за иновации од 65.000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“, рече на денешната прес-конференција пратениткот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Тој нагласи дека „Електра Солушн“ од фирма која нема никакво искуство од надзор, станува преку ноќ експерт и од фирма за производство на долна облека наплатува 65.000 евра за наводна иновација на програма.
„Артан Груби и Димитар Ковачевски се вплеткаа во сопствените лаги. Фамозната „Електра Солушн“, која според власта првин беше локален партнер стана главен столб на проект со 8,3 милиони за неа од вкупно 22 милионскиот тендер.„Електра Солушн“ не само што нема искуство, бидејќи е фирма за производство на долна облека која во последен момент се префрла во градежништво, туку и за лиценцата за надзор поднесува 12 дена по распишување на повикот за доставување на понудите, а ја добива 5 дена потоа“, рече Стојаноски.
Тој посочи дека Ковачевски и Груби не само што проектот за надзор го дале на фирма која нема никакво искуство при надзор, не само што истата преку ноќ вади лиценца, туку и со буџетски пари наплаќа алатка за надзор.
„Јавното обвинителство не смее да остане пасивно. Власта првин тврдеше дека надзорот ќе го вршат странски експерти, а домашните се само локална помош, за на крај да се испостави дека главен играч околу кој се врти целиот тендер е фирма која произведувала долна облека, а за лиценца за надзор поднесува барање дури откако се распишува огласот за поднесување на понуди за надзорот на Коридорите 8 и 10Д, за ден потоа да добие и грант“, рече Стојаноски.