Студентите во Скопје оддаваат почит за жртвите во пожарот во дискотеката во Кочани

На платото пред УКИМ, стотици студенти се собраа за да изразат почит за жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и поддршка на нивните семејства.

Со седумминутен молк почна собирот насловен „Заеднички час“ на преполниот кампус на Скопскиот универзитет каде што студенти и професори им оддадоа почит на жртвите во пожарот во Кочани.

Настанот, кој го организираше Универзитетското студентско собрание на УКИМ, беше закажан за точно напладне  но  одложен половина час поради силен дожд. Потоа со кратки говори се обратија ректорката на УКИМ Биљана Ангелова и министерката за образование и наука Весна Јаневска, кои изразија сочувство до семејствата на загинатите.

Advertisements

Ректорката рече дека никогаш не помислила дека ќе треба да се обрати во ваков тежок момент и да одржи „ваков тежок и тажен говор“ и дека тоа се случува по шест месеци, рече, од обраќањето што на истото место го имала на 1 октомври за почетокот на академската година кога била „полна со радосни емоции“.

Во Кочани граѓаните мирно и достоинствено, во Паркот на Револуцијата палат свеќи и носат цвеќе, оддавајќи им почит на жртвите во трагедијата.

-Се молиме за спас на душите на сите кои настрадаа, но и за што побрзо оздравување на повредните кои се низ болниците во државата и во странство. Практично нема човек кој во несреќата нема починат или повреден син, ќерка, близок роднина или сосед. Тешко и мачно е, ќе мора да живееме со овој длабок белег во душата, истакна Александар Крстов, жител на Кочани.

Претпладневo e празен и кругот на Општата болница во Кочани, откако сите повредени се пренесени на лекување во клиниките во Скопје.

На состанок на стручниот колегиум во Општина Кочани донесени се препораки за активности во наредниот период. Со донесената одлука за седумдневна жалост, откажани се сите настани од забавен, културен и спортски карактер.

Упатена е препорака до комуналното претпријатие „Водовод“ за проширување на парцелите во Градските гробишта и определување посебно место за починатите во пожарот, како и одлука за бесплатно доделување парцели за починатите и за погребните услуги коишто се во надлежност на претпријатието.

Во соработка со општинската организација на Црвен крст – Кочани отворена е Отворена е донаторска сметка на која може да се примаат донации за повредените и настраданите. Од општинскиот буџет на оваа сметка на Фондот на солидарноста на Црвен крст на РСМ ќе се издвојат три милиони денари. Се очекува и посебна седница на Советот на Општина Кочани.

Во соработка со Брегалничката епархија и Црковниот храм „Свети великомаченик Георгиј“ донесена е одлука црковните обреди за покој на починатите во трагедијата да не се наплаќаат.