Судењето за организаторите на „крвавиот четврток“ го водеше судијата Илија Трпков, Министерството за правда бара проверка

Очигледно е дека намерните или ненамерните пропусти за суштествени повреди и натаму остануваат дозволива пракса за некои судии, се вели во реакцијата на Министерството за правда во врска со одлуката на Апелацискиот суд кој денеска реши да ги укине пресудите за обвинетите поранешни функционери во предметот за организаторите на настаните во Собранието на 27 април 2017 година.

Апелацискиот суд, како што информиравме претходно, ја укина првостепената пресуда за поранешниот претседател на законодавниот дом Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. По оваа одлука на апелациските судии предметот се враќа на повторно судење.

Со судечкиот совет кој пред две години ја донесе пресудата со вкупна затворска казна од 25 години за обвинетите претседаваше судијата Илија Трпков. Токму на адреса на овој судечки совет е упатена и реакцијата на Министерството за правда.

Advertisements

„Неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор, зошто ова се дозволува во континуитет, односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Го повикуваме со најдобра намера Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, да се поведе постапка вклучувајќи ја и дисциплинска ако се уврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво.“, вели Министерството за правда.