Судијата Зоран Соларски за пожарот: Немаме предмети со висока корупција, притворите ќе ги решаваме во скопскиот Кривичен суд

Пожарот во зградата на Основниот суд Куманово, каде што била сместена архивата, предизвика сомнежи во јавноста дека можеби е подметнат за да се прикрие криминалот на власта, како што утрово обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите сомневања се поттикнати и поради претходната реакција на министерот за правда, Кренар Лога дека изминативе месеци четири пати испратил писма до Судскиот совет со цел да се утврди одговорност на в.д претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, откако на почетокот на годинава биле констатирани злоупотреби на АКМИС системот.

Судијата Зоран Соларски, кој е и портпарол на кумановскиот суд во изјава за Журнал ги негира ваквите обвинувањата и вели дека истрагата ќе ги утврди вистинските причини за пожарот со што ќе се отстранат сите шпекулации за каква било заднина во овој немил настан.

На прашање на Журнал.мк дали во судската архива има предмети за висока корупција поради кои се поттикнати и шпекулациите дека пожарот е наједноставен фитиљ за да исчезне таквата документација, судијата Соларски објаснува дека таквите предмети, сепак се оставени на решавање во скопските правосудни органи, односно во Основното јавно обвинителство и во скопските судови.

Advertisements

– Нема предмети за висока корупција во нашиот суд, ниту пак е изгорена судската архива, настрана што во АКМИС системот се е сочувано, серверот не е уништен во пожарот, вели судијата Соларски и додава дека се очекува на местото на пожарот да почне вештачењето, а во меѓувреме судот се организира како ќе ги продолжи притворските предмети кои треба веднаш да се решаваат со оглед на тоа што во догледно време нема да има услови за работа во судот.

– Договоривме рочиштата за предметите кои се однесуваат на притворот да се одржуваат во Кривичниот суд во Скопје додека не се создадат услови за работа, вели судијата Соларски.

Фактот дека пожарот, како што извести Регионалниот центар за управување со кризи (ЦУК), се случил час и половина по полноќ, кога во судот нема или не би требало да има некој кој би можел да биде причинител за огнената стихија, освен ако не станува збор за дотраена инсталација, уште повеќе ги засилува сомнежите дека можеби станува збор за кривично дело, а не за несреќа.

Првите вакви сомнежи на социјалните мрежи ги искажа пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Изгоре судската архива во кумановскиот суд и најверојатно пак кабелот ќе биде крив“, реагираше Милошоски.

Со своја реакција подоцна излезе и ВМРО-ДПМНЕ која обвини дека власта се обидува да ги прикрие трагите на сторениот криминал.

„ Доколку правосудството не го штити директно криминалот на ДУИ и СДС, тогаш ги губи преставките, се случуваат несреќи од типот да се поплават или да се заметкаат во фиока. Но како што се ближи крајот на оваа власт, така стануваат се понервозни и понесигурни и се обидуваа да се осигураат што е можно повеќе дека ќе ги покријат трагите. Нема да не изненади дека повторно продолжен кабел, искра, високи ноќни температури или можеби метеор се причинители на пожарот. Сепак епскиот криминал не може да се сокрие, покрие или изгори. Одговорност ќе има по промената на власта“, порача опозициската партија која упати апел надлежни служби да направат вонреден преглед на електричните инсталации и чешмите во државните институции, со, како што велат,„ посебен акцент на архивите“.

Со оваа препорака опозициската партија алудира на пожарот и поплавата претходно што се случија во Министерството за правда и во поранешното Специјалното јавно обвинителство. Медиумите летоска, односно кон крајот на август пишуваа дека имало поплава и во јавното обвинителство, само неколку дена откако беше суспендирана тогашната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска која водеше предистраги за неколку крупни функционери или луѓе блиски на власта.

Да потсетиме, во март 2019 година се случи поплава во подрумските простории на Специјалното јавно обвинителство, кога, како што подоцна потврди и СЈО, била зафатена дел од документацијата на неколку предмети  меѓу кои на „Империја“, „Триста“ и „Шпион“. Во еден од предметите, „Империја“ осомничени во време на поплавата беа Орце Камчев, Сашо Мијалков, Цветан Панделески и 10 други инволвирани за неколку кривични дела, меѓу кои измама и перење пари.

Токму поради овие претходни настани, за да не остане дамката дека пожарот во кумановскиот суд е дело на пироман, неопходно е да се спроведе независна истрага, порачуваа јавноста, пред се поради изгубената доверба во институциите на системот.