Судскиот совет требаше да покаже дека е брана од надворешните влијанија, а унапредувањето на судиите требаше да биде врз основа на квалитет, професионалност и интегритет“, рече судијката Мирјана Радевска-Стефкова чија оставка беше усвоена на денешната седница на Судскиот совет.
Таа, како што пренесе Канал 5, рече дека како член на советот имала определени моменти на разидување во однос на заземените ставови на оваа институција.
Како пример ги издвои одбивањето на Судскиот Совет да ги достави списите до Врховниот суд како и првите постапки кои што беа водени од страна на Судскиот совет во однос на избор на судии во повисок суд. Таа го спомна изборот на судии во гостиварска апелација кои според неа биле избрани без почитување на ранг листата и без образложение.
„Потоа следуваше седницата во април кога дојде до разрешување на претседателот кое според мене е незаконито. Мене ми пречеше што таа одлука е дадена без образложение, затоа што сметам дека Судскиот совет сите свои одлуки треба да ги образложи, рече таа.
За крај, ги издвои состојбите со меѓучовечките односи, кои, според неа, се нарушени и тоа претставува пречка за нормално функционирање.
Апелацискиот судија Зоран Герасимовски истакна дека во Советот дошол со определена идеологија, но, како што рече, наишол на идеолошки несогласувања со дел од Советот.
„Имајќи ги предвид последните превирања, сметам дека треба да си поднесам оставка од проста причина што сметам дека поголем придонес ќе дадам како судија во Апелацискиот суд во време кога сите судови се пренатрупани со предмети, отколку како член на Судскиот совет“, дополни тој.