Што вели адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска за фиќото, за Латас и јутјуберот?

Адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска на социјлната мрежа фејсбук го коментира случајот што ја разбранува македонската јавност во врска со емисија на јутјуберот Стефан Лазаров во која гостуваше новинарот Драган Павловиќ Латас по што реагираше и Обвинителството кое поднесе обвинение за кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, дело за кое е предвидена затворска казна од 1 до 5 години.

Еве што вели адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска:

„Покушајот” во Фиќо кој е повеќе оставен на нашата фантазија , но сепак раскажан со доволно детали за да ја сфатиме неговата противправност (шамари, замаглени стакла, спомнување повеќе мажи, еден татин син и буткање во ситуација “немајкаде”) сугерира дека покрај жртвата во Фиќото, и тој што „покушавал” е жртва на машката токсичност која на сите нас растени во скопските маала добро ни е позната, видена и слушната.

Advertisements

Како што такви случки оставаат недвосмислена траума за девојките, многу често оставаат долгорочни негативни последици и на младите момци кои се втурнати во ситуации да имаат секс со непозната жена откако друг имал секс со неа (да не дебатираме околу ова, замаглени стакла тоа значат) свесен дека е извесно дека добила шамари бидејќи тој така „имал однос”.

Во дадениот момент тоа 15 годишно момче ниту има емотивна зрелост ниту капацитет да сфати дека тоа што го прави е погрешно и дека учествува и директно допринесува во уништување на нечија личност. Но, нема капацитет ниту да сфати дека тоа што му го прават е погрешно.

Проблемот е што тоа 15годишно момче досега не пораснало ни педа, па низ годините единствено создало механизми кои му помогнале само да ја прифати таа состојба како дадена, надвор од негова контрола, да не речам, нормална. Ниту за 40 -тина години подоцна не ја сфатил сопствената одговорност, неговата психа не креирала емпатија (погрдно ја нарекува сиротиња) и едноставно прифатил дека “тоа така се правеше” сака да рече “така ние прв пат имавме секс”, бидејќи прашањето е “Дали е точно дека првата не се заборава?”.

Највпечатливата реченица во Анатомија на еден скандал е “Boys will be boys”, кажана од мајката на обвинетиот за силување или на нашки „абе, машка работа”, изрека креирана за да го збере целото оправдување на светот за не-дела кои потекнуваат од лошо произведената “машкост”.

Тоа е поразувачкото, што возрасниот со чаламење уште раскажува за тинејџерско доживување кое, иако можеби разбирливо дека не било осудено поради општествениот контекст и време во кое се одвивало, во 2023, после сите обиди за едукација, развивање свесност и одговорност, се раскажува без трошка порака за забранетост.

Оној грев од водител пак, како колбас или виршла мешан производ од бљувотините на модерното време има искрена реакција на смеење на приказната поради пиететот што го има кон гостинот-фраер. Но, тука поразувачкото е во тоа што тој исто така не ја препознава својата одговорност и улога пост-фестум, , па наместо да се консултира и да се извини, дава соопштенија од типот „јас не мразам жени, еве имам мајка, сестра, баба”, (за неписменоста и следоредот во реченицата, подмет, прирок, придавки и сл., во друга прилика).

За да не биде се’ црно, нека овој настан биде повод за тематски разговори на училишта, пример кој ќе се користи за да се објаснат некои работи на правилен начин, нека биде повод за разговор меѓу татковци и синови, пред се’.

Кога веќе главните протагонисти ја пропуштија златната шанса за општествено одговорни одговори на прозивањата.