Во Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Светот без граници“ од македонскиот политичар и дипломат Срѓан Керим. Оваа книга претходно промоција имаше и во Хрватска, прво во Загреб, а потоа и во Опатија, каде што веќе подолго време живее авторот на книгата кој беше и министер за надворешни работи и претседател на 62. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации од 18 септември 2007 до 16 септември 2008 година.
Керим за Глаголица открива дека во книгата се содржани разговори кои за време на пандемијата тој ги водел со познатиот хрватски публицист и новинар Данко Плевник. И токму тие разговори кога сите живеевме во локдаун, а кои ги воделе преку апликацијата ВатсАп (WhatsApp) сега ѝ се достапни и на македонската читателска публика. Всушност, „Светот без граници“, може слободно да се каже дека е првата книга која е напишана со помош на ВатсАп (WhatsApp).
„Дека пишувањето е страст, почувствував во мај 2020 година додека бев на клиниката за кардиохирургија„ Клиника Магдалена“ во Крапинске Топлице. И покрај тешката интервенција на срцето што прекрасно ја изведоа докторите Шавиц-Носан и Шесто не можев да го отфрлам предизвикот јас, заедно со колегата Плевник, да ја продолжиме соработката на книгава, дури и за време на интервенцијата, нешто што лекарите го прифатија со чудење“, се присетува авторот.
Поранешниот министер за надворешни работи вели дека „Светот без граници“ е книга посветена на сите такви хуманисти и на луѓето што се чувствуваат граѓани на светот.
„Да се биде граѓанин на светот, а така и јас лично се чувствувам, не е никаква привилегија. Напротив, тоа е величенствено чувство дека ѝ припаѓаш на нашата планета. На олицетворението на совршенството. Таа припадност се претвора во чувство на „одговорност за целината“, а не само за „своето“. Тоа воедно е и влог и верба во иднината во која постапно, но сигурно, ќе надвладее универзалната свест. Затоа што Универзумот е нашата смисла на животот, смислата на нашето постоење и вечна енигма што нè мотивира да се откриваме себеси, другите и целото наше опкружување“, вели авторот.
Посебно признание за Џеси Овенс и Луц Ланг
Угледниот хрватски публицист и новинар Данко Плевник во предговорот на „Светот без граници“ пишува дека со Керим почнале да разговараат есента 2019 година, а продолжиле, како што вели. во еден критичен историски и цивилизациски момент – во време на коронавирусот, сè до есента 2020 година.
„Колку што тоа беше можно, тој доаѓаше од Опатија во Карловац, а кога заради Lockdown-от се забрани движењето меѓу градовите, дијалогот го продолживме преку WhatsApp. Во еден момент станав љубоморен бидејќи во неговиот стан во Опатија, со поглед на морето, беше сам во целата зграда, во град без заболени од коронавирусот, додека во Карловац веќе тогаш беа потврдени 22 заболени и пет починати“, пишува Плевник.
Керим при промоцијата на книгата во Опатија, наведува и дека особено внимание и признание сака да им посвети на двајцата спортисти Џеси Овенс (Jessy Owens) и Луц Ланг (Lutz Lang) што имаа храброст и визионерска моќ на Олимписките игри 1936 година во Берлин да ѝ одолеат на нацистичката орда што беше тргнала по безумниот пат на освојувањето на светот и уништувањето на „сите оние што им пречат на тој пат“.
„Овенс и Ланг се надминаа себеси и ги победија нив и сите оние злосторници кои имаат погрешна слика дека со стремежот да се биде „моќен“ со сила и агресија, со наметнувањето на своите сфаќања и со миењето на мозоците на луѓето, се станува конечен победник. Од овие двајца врвни спортисти, тие добија досега невидена лекција дека силата на човекот е во фер-плејот, во витешкиот дух и во гордоста. Тоа не важи само за единките, туку и за народите, нациите и за целиот свет“, порачува Керим.
Плевник и Фидел Кастро – книга интервју што никогаш не излезе
Новинарот Данко Плевник на пошироката јавност ѝ е познат како колумнист во загрепскиот неделник „Данас“ и во љубљанскиот дневен весник „Дело“, иако зад себе има исклучително творештво. Тој има пишувано за многу весници и неделници во регионот: „Вјесник“, „Ослобоѓење“, „Борба“, „Нин“, „Младина“, „Монитор“, „Нови лист“, „Приморске новице“, „Европски магазин“, „Република“ (Љубљана), „Глас Истре“, „Панорама“, „Око“, „Хрватска данас“, како и за европските и азиските весници: Frankfurter Rundschau, Wiener Zeitung, Il Piccolo, Courier internationale, Styx и Hindustan Times и други.
Во предговорот на „Светот без граници“ тој открива многу интресни детали од неговиот престој во Куба во времето на Фидел Кастро, поранешниот претседател и лидер на комунистичката револуција.
„При моето службено пристигнување во Куба, во јуни 1987, од Кабинетот на Фидел Кастро (Fidel Castro) пристигна прашање дали имам желба да направам интервју со него. Кастро имаше обичај за давање на екстензивни интервјуа што, поради обемот на разговорот, главно завршуваа како книги. По правило, стотина прашања мораше да бидат однапред доставени“, наведува Плевник.
Скицирав, додава новинарот, „за тогашните југословенски околности, политички коректни прашања, меѓутоа, заедно со нив поставив и некои за Куба очигледно неприфатливи прашања, како што беше тоа за пилотот генерал Рафаел Дел Пино Дијаз (Rafael Del Pino Diaz), кој со авион на 28 мај 1987 пребега на Флорида, како и за мешаницата на населението пред француската амбасада во Хавана, на што присуствував лично, откако францускиот претседател Франсоа Митеран (François Mitterrand) најави дека на Кубанците ќе почне да им издава влезни визи за Франција.“
„Јасно е дека по тоа интервјуто беше одбиено, па мојата прва книга – интервју не беше објавена“, се присетува Плевник.
Како се роди идејата за книгата со „претседателот на светот“?
Идејата за оваа книга-интервју со Срѓан Керим, Плевник вели дека се родила за време на еден ручек во неговиот дом во Карловац.
„Неа ја предложи мојата сопруга Јасна, претседател на светски значајниот тинк тенк Геоекономски форум, каде што членови на Советот сме Срѓан и јас. Како автори се познававме со години и пред лично да се запознаеме. Ги читав неговите сериозни статии во списанијата „Идеи“ и „Меѓународна политика“, а тој моите колумни во неделникот „Данас“. Тој беше колега со дипломатот Фране Крниќ (Frane Krnić) со чиј брат Младен јас работев во „Слободна Далмација“, вели Плевник.
Лично се запознале на заседанието на Првиот медиски форум на Југоисточна Европа на 28 јуни 2007 година во Новинарски дом во Загреб. На тој собир на тема „Односот на медиумите и демократијата во југоисточна Европа“, Плевник учествувал на панелот заедно со Ерхард Бусек (Erhard Busek) – специјалниот координатор на Пактот за стабилност во Југоисточна Европа и со Бодо Хомбах (Bodo Hombach), директорот на Медија групата ВАЦ, чиј специјален пратеник за Југоисточна Европа и генерален директор на „Ост Холдинг ГМБХ“ (Ost Holding GmbH) со седиште во Виена, беше токму Срѓан Керим.
Хрватскиот аналитичар објаснува што го поттикнало да го избере Керим за свој соговорник:
„Керим е неодминлива меѓународна појава. Има живеано и растено во неколку држави, имал интересен професионален и политички живот на ниво на националната, но и врвната светска дипломатија и политика како претседател на 62. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации. На врвот на светската дипломатија (често комуницирал со Џорџ Буш, Барак Обама, Медлин Олбрајт, Ангела Меркел, Бан Ки Мун.. .). Непосреден очевидец е на исчезнувањето на Југославија и учесник во настанувањето на Северна Македонија, поставувајќи ги нејзините меѓународни позиции, што се остварија речиси по дваесет години откако престана да е министер за надворешни работи на Северна Македонија. Тој е далеку пред своето време. Неговото знаење е премногу драгоцено за да остане нераскажано“, вели хрватскиот публицист.
Според Плевник, Срѓан Керим оптимистички понуди нови хоризонти и визии за светот за 21., но и за 22. век, гледајќи го од агол на „претседател на светот“, како што го нарекуваа додека претседаваше со 62. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, меѓу ретките во целата нејзина историја избран со гласовите на сите држави-членки и покрај тектонскиот колапс на сегашниот светски поредок на економска, еколошка, вредносна, идеолошка, политичка и други основи.