Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 49-годишен маж осомничен за кривично дело „Насилство врз дете“, откако физички нападнал ученик во дворот на основно училиште во Илинден.
Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил на 22 мај, по недоразбирање меѓу синот на осомничениот и негов врсник.
„Во училишниот двор, синот на осомничениот имал недоразбирање со свој врсник и го повикал таткото“, информираат од ОЈО Скопје.
Кога пристигнал во училиштето, осомничениот најпрво започнал вербално да го навредува детето.
„Започнал да му упатува навреди, пцовки и погрдни зборови на другото дете, а во еден момент и физички го нападнал со удари со шлаканици и тупаници во главата и телото“, наведуваат од Обвинителството.
Во нападот, детето се здобило со телесни повреди, расекотини и подливи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот.
„Предложени се мерки – обврска осомничениот да се јавува во судот и забрана да се приближува на оштетеното дете“, соопштија од ОЈО Скопје.



