Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во интервју за телевизија Алсат порача дека во периодот пред нас ќе започне широка јавна дебата за изнаоѓање најдобро и најприфатливо решение за уставните измени.
– Следува формирање работна реформска група која ќе има задача да ги направи драфт уставните амандмани, а потоа низ дебата сите политички партии да ги соочат своите аргументи. И на тој начин да го најдеме најдоброто решение за уставните измени кои се важни за нашата европска иднина, порача Лукаревска.
Заменик претседателката истакна дека ниту една политичка партија не смее уставните измени да ги користи како средство за политички уцени.
Техничката влада е само еден член од Договорот од Пржино во 2016 година, но треба да повториме зошто и како беше направена, рече потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во гостувањето на „Алсат“.
Таа додаде дека техничката влада е резултат на тогашното режимско владеење.
„Причините и причинителот за тогашната техничка влада е владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, која пак сега кажува дека не е потребна техничката влада“, рече Лукаревска.
„Земја-членка на НАТО и земја којашто се стреми да биде од европското семејство секако дека можеби е непотребно да има еден ваков институт како техничка влада. Ние немаме никаков проблем да не постои техничката влада. Таа сто дена пред избори се грижи за спроведувањето на изборите од технички аспект, но и за тоа се потребни законски измени“, вели таа.