Маскирани луѓе упаднале синоќа во галеријата во Солун каде што е поставена изложба на македонскиот уметник Сергеј Андреевски, при што се однесувале непристојно и вулгарно во обид да ја прекинат изложбата, по што заминале.
Според дописничката на МИА од Атина станува збор за група членови на „Златна зора“ кои носеле маски на лицата, капи и качулки упаднале во галеријата на солунската општина Каламариа каде што во тек е изложбата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски.
Како што пренесуваат грчките медиуми, тие му рекле на уметникот дека нема право да биде таму. Откако направиле хаос, ги симнале неговите дела и со црвена лента го „запечатиле“ просторот.
„Имаш право да кажеш дека си Словен и ништо друго“, му рекле тие, пренесе ЕРТ.
Во видеоснимка објавена од т.н. „Фронт на подмладокот – Златна зора“ се тврди дека „Златна зора ја запечатила скопската изложба во Каламариа“ и дека нејзините членови не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“. Понатаму, како што пренесува агенцијата, од групата во врска со изложбата се коментира дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“ и дека тие морале да интервенираат и пред сè да испратат порака до грчките власти дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.
Од македонското Министерство за надворешни работи (МНР) велат дека немало физичко насилство, ниту била предизвикана материјална штета, но поради заканите и вербалните напади била повикана и полиција.
Самостојната изложба на Андреевски насловена „Неизложени дела на хартија“ беше отворена во петокот во општинската галерија и ќе трае до 29 април. Андреевски кажа дека оваа изложба е продолжување на ретроспективната изложба „Хартии“, што се одржа минатиот мај во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
Насловна фотографија: МИА