Трајанов: Не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата доколку се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија

Претседателот на Демоктарски сојуз(ДС), Павле Трајанов, денеска до претседателот на СДСМ и претседател на Владата, Димитар Ковачевски ги достави ставовите во врска со најавената реконструкција на Владата, во кои се инсистира на претходен договор за програмските приоритети на ДС кои, како што вели, и досега беа усогласувани, но не се реализираа.

„Во тек се активности за реконструкција на Владата на Република Македонија, при што во Владата се вклучува Алијанса за Албанците. Освен персоналниот состав на Владата, за ДС и пошироко за јавноста се клучни програмските определби, поради што бараме со програмските барања на АА да се информираат партиите и јавноста. Инаку, не сме подготвени да поддржиме нов партнер во Владата доколку се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, делејќи ги граѓаните по етничка основа околу најавените уставни промени“, се вели соопштението од партијата.

Од ДС посочуваат дека ги афирмираат приоритетите за кои и досега имале усогласени ставови со СДСМ, но за нивната реализација досега ништо не е направено, притоа истакнувајќи ги следниве приоритети:

Advertisements

1. Донесување на Измени и дополнување на Изборниот законик, со кои Македонија ќе биде една изборна единица. Предлог-законот е разгледан и поддржан од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, кaкo и од Законодавно – правната комисија. Законот е ставен на дневен ред, но претседателот на Собранието го блокира и не ја закажува седницата за да започне расправа по истиот.

2. Започнување на робусна и неселективна борба против тешките облици на криминал преку целосна департизација на институциите надлежни за откривање и сузбивање ка криминалот, како и донесување на Закон за Агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција. Ангажирање на најстручните кадри од постојните институции и алокација на средства од истите во Агенцијата.

3. Реформи на судскиот систем преку измени на Уставот со кои ќе се укине Уставниот амандман со кој се амнестирааат судиите од кривична одговорност за донесена одлука, укинување на трајниот мандат на судиите, ревизија на работата на сите судии и утврдување на имотната состојба.
Донесување на Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, со кој ќе се преиспитат монтираните судско-полициски случаи, преку обезбедување услови за фер судење и можност да се користат и нови докази.

4. Транспарентност на СКРИНИНГ ПРОЦЕСОТ, вклучување на сите креативни и стручни кадри, континуирано информирање на Парламентот, а преку него и на опозицијата, за да се обезбеди и поголемо единство, поддршка и континуитет.

5. Формирање на ФОНД ЗА МЛАДИТЕ, 2% од Буџетот на РСМ за започнување на самостоен бизнис. Создавање на законски предуслови за секој студент по дипломирањето да може година дена да работи во јавниот или во приватниот сектор, со плата во висина од просечната плата, обезбедена од Буџетот на РМ. На овој начин поголем број од младите ќе останат да работат и да создаваат во Македонија.

6. При формирањето (избор или реконструкција) на Владата и покрај тоа што се работи за политичка Влада, да се води сметка за компетентноста на кандидатите, за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, како и за имплементацијата на правилото на Бадентер и Балансерот при вработување. На правична застапеност на сите етнички заедници во изминатите 20 години инсистираше ДУИ, но со најавите за новиот состав на Владата нема гаранции дека тоа ќе се почитува.

7. За да се спречат партиските влијанија при вработување, да се предвиди казна затвор од 3 години, доколку се злоупотребува позицијата за влијание при вработување, стои соопштението од Трајанов.