Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „не е ангел“ и додаде дека и Зеленски, заедно со рускиот претседател Владимир Путин ја дели вината за почетокот на руско-украинската војна, пренесува „Њузвик“.
Во своето прво интервју по враќањето во Белата куќа, Трамп го критикуваше Зеленски, велејќи „не требаше да дозволи оваа војна да се случи“.
– Зеленски се бореше против многу поголем ентитет, многу поголем, многу помоќен. Тој не требаше да го направи тоа, бидејќи можевме да се договориме – изјави Трамп за „Фокс њуз“.
Критиките на Трамп кон Зеленски и кон Путин во интервјуто ризикуваат да му отежнат да помогне во постигнувањето мировен договор меѓу Украина и Русија. Тоа, исто така, означува голема промена во тонот од администрацијата на Џо Бајден, која понуди значителна финансиска и воена поддршка за воените напори на Украина.
Во своето интервју, Трамп го критикуваше Зеленски дека сака да води војна и покрај огромните воени недостатоци во споредба со Русија.
– Прво, тој се бори со многу поголем ентитет. Почнавме да истураме (воена) опрема… и тие (Украинците) имааа храброст да ја искористат опремата, но на крајот, тоа е војна што треба да се реши – рече Трамп.