Министерството за животна средина и просторно планирање утрово информира дека за град Скопје стапуваат на сила мерките при надминат праг на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри заради надминување на пропишаната гранична вредност во текот на два последователни денови и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи.
На мерната станица Лисиче Ректорат е измерено над 150 mg/m3 ПМ10 честички, особено пред два дена кога биле измерени 211.
Концентрациите на ПМ-10 честички се повеќе од четири пати над дозволените максимални концентрации на мерната станица во Лисиче, како и три пати над дозволеното на мерната станица Ректорат.
За потсетување, дозволената среднодневна концентрација на ПМ-10 честички изнесува 50 микрограми на метар кубен. Вчера на мерната станица Лисиче биле измерени 229,3 микрограми на метар кубен ПМ-10 честички, ден претходно концентрациите изнесувале 211,2, додека на 24 декември биле измерени дневни концентрации од 175,4 микрограми на метар кубен.
Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба. Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените дом и единиците за локална самоуправа, треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.