Обвинителката Лиле Стефанова го повлече обвинението за случајот со кодно име „Траекторија“ кое се однесува на изградбата на кинеските автопати, во кое за злоупотреба на службената положба обвинети беа поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски и тогашниот директор на државното претпријатие за патишта Љупчо Ѓоргиевски.
„Имајќи го предвид предлогот на ЈО и измените на КЗ, Судот донесе решение, се запира кривичната постапка против обвинетите Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски за „злоупотреба на службена положба и овластување“, како и обвинителниот предлог против Никола Груевски за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, рече претседателот на судечкиот совет, судијата Илија Трпков пренесе ТВ 24.
Стефанова рече дека тоа го прави заради донесените измени во Кривичниот законик со кои се намалија казните па застареле и кривичните дела кои им се ставаа на товар на обвинетите.
Судењето за овој предмет почна во 2018. година и никогаш не доби првостепена пресуда.
Обвинителството не го докажа ниту предметот за прислушувањето поради што претходно застаре и предметот „Таргет Тврдина“.
Обвинението се однесуваше на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид познатата како „Траекторија“. Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.