МВР информира дека вчера околу 3 часот по полноќ било пријавено дека избувнал пожар во угостителски објект во Центар, кој по интервенција на скопските пожарникари бил изгаснат, нема повредени лица, а причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат.
„Денеска (16.04.2025) околу 03 часот Во СВР Скопје било пријавено дека бил опожарен угостителски објект на подрачјето на Центар во Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје“, се вели во кратката информација во полицискиот билтен без да се прецизира на кое место е лоциран објектот.
Граѓани кои биле вознемирени од пожарот за Глаголица велат дека се случил во ноќен клуб кој подолго време им причинува главоболки поради гласната музика, а се наоѓа на улицата „50 Дивизија“ во Центар која пак претставува сообраќајна катастрофа, преку ден блокирана од редица автомобили, а навечер од паркирани.
„Немаме мир откако го отворија тоа кафуле. Уште пожар ни фалеше. На овој дел од улицата 50 Дивизија во вечерните и ноќните часови беше мирно, бевме раат до пред некоја година. Неколку пати досега имаме поднесувани и петиции до општината Центар, а и пријави до скопската полиција да интервенира поради гласната музика и гужвите што се создаваат во оваа еднонасочна улица која стана претесна за возилата, затоа што едната лента е претворена во паркинг. Кој им дозволува да отвораат ноќни барови во места каде што има станбени згради и куќи, настрана што нема доволно паркинг места за жителите на зградите, а камоли за гостите од барот. Сега гледаме дека не демне и опасност од пожари“, револтирани се жителите кои живеат на оваа скопска улица.
Надлежните во неколку наврати на новинарски прашања поврзани со сообраќајниот калабалак на улицата 50 Дивизија даваат само празни ветувања и тоа пред избори дека сообраќајниот хаос ќе се реши кога ќе се направи кружен тек. Како и скопскиот трамвај, така и кружниот тек остана само желба пуста и неостварена.