Уставни измени под диктат и кои се поразителни за Македонија не смее да има, заседаваше ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Поаѓајќи од националните и државните интереси и запазувајќи го мислењето на огромното мнозинство на граѓани во државата, уставни измени под диктат и под околности кои се поразителни за Македонија не смее да има, изјави Тимчо Муцунски на прес конференција на која рече дека Извршниот комитет кој заседавал пред средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со премиерот Димитар Ковачевски го обвластил Мицкоски да ги афирмира и одбрани партиските позиции.

„Носењето на уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонскиот народ, кога се оспорува јазикот, историјата и културата не е никаков чекор напред, туку отворање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекување“, вели Муцунски.

ВМРО-ДПМНЕ, рече Муцунски бара фер шанса каква што ја имаа и другите народи и држави од Централна и Источна Европа кога ѝ пристапуваа на Европската Унија.

По неуспехот на уставните измени, следниот чекор треба да бидат предвремени парламентарни избори, додаде Муцунски.

Тој рече дека Македонија токму поради лесните отстапки и штетните политики на власта, веќе е во изолација.

„Измама е тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или за изолација. На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните интереси“, додаде Муцунски.