Има ли шанса да добие разврска политичкиот јазол со уставните измени, откако стана јасна дека власта нема двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници на број што ќе кренат два прста за внесување на Бугарите во Преамбулата, е дилема која денеска ја разреши собранискиот спикер Талат Џафери.
Тој на брифинг со новинарите објасни дека ако нема двотретинско мнозинство за измени на Уставот, тогаш Собранието нема да гласа за точката која предвидува измена на Уставот. Собраниската седница на која треба да почне расправата за иницијативата за уставни измени е закажана на 18 август и таа не се очекува да трае подолго од 10 работни дена. Џафери вели дека чинот на гласањето не е врзан за последниот ден откако ќе заврши расправата, туку со фактот дека се обезбедени две третини од потребните гласови за измени во Уставот.
– Тоа го предвидува и Деловникот и го покажала практиката од слични иницијативи за уставни измени затоа што Собранието одлучува доколку има потребно мнозинство за одлучување. Во тие рамки не можам да претпоставам што ќе се случува. Формално Собранието ќе почне со работа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложен зависи од конкретната ситуација – изјави Џафери.
Одговор на забелешката на Џафери кој денеска отворено кажа дека не може да претпостави што ќе се случува откако ќе заврши расправата даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој уште еднаш повтори дека опозициските пратеници нема да го направат потребното двотретинско мнозинство, односно дека нема да гласаат и по завршување на расправата.
-Уставни измени нема да има под бугарски диктат во овие услови, така ќе биде и на пленарната седница кога и да се случи тоа, дециден е Мицкоски.
Ако власта имаше двотретинско мнозинство, додаде Мицкоски, во овие изминати нешто повеќе од година дена, уставните измени ќе беа веќе на маса.
– Јасно е дека немаат две третини и сега веќе борбата кај поединци во Владата не е за уставните измени, борбата е како да го поминат месец август и дополнително да манипулираат со граѓаните и со јавноста бидејќи се под притисок на избори наесен. А избори наесен за дел од владините министри кои се дел од помалиот коалициски партнер СДСМ ќе значи крај на нивната политичка кариера. Но, исто така и за дел од министрите кои се дел од ДУИ ќе значи исто крај на нивната политичка кариера, бидејќи силно верувам дека ќе бидат непријатно изненадени од резултатот кој ќе се случи доколку тие избори бидат на есен предвремени“, вели Мицкоски.
Според лидерот на опозициската партија власта сега веќе не води борба за уставните измени, туку како да се премости август, да дојде септември.
„Потоа ќе биде беспредметно барањето за предвремени парламентарни избори, бидејќи секако март, април имаме редовни претседателски и итн. Овде веќе не барајте политика, туку ситно лично политикантство како да бидат на функција уште неколку месеци, да крадат, да местат тендери во четири очи, да ги управуваат возилата на комшиите, пријателите“, рече Мицкоски.
Дел од експертската јавност, која поддржува преку внесување на Бугарите во Уставот на земјава да ѝ се отвори патот кон преговори со ЕУ, посебно по објаснувањето на собранискиот спикер Талат Џафери дека гласањето може да се одложи се додека не се обезбедат 80 пратеници се надеваат дека можеби нова дипломатска тура ќе успее да ги помести работите од мртва точка.
Простор за таква надеж остава новинарот Зоран Иванов кој смета дека ако земјата го напушти овој дипломатски формат и остане сама во битката, а тоа Софија со нетрпение го посакува, историјата повторно ќе ја врати државата во билатералните негаторски прегратки на службена Бугарија.
„Ова ВМРО-ДПМНЕ толку длабоко загази во антиевропска мантра што сега нема сила која ќе може да го премисли. Но излез наскоро секако ќе има. Како и во сите наши кризи, така и сега со посредство на странците, веројатно ќе се изроди некаков пакет договор меѓу опозицијата и власта, некаков компромис од „пржински“ формат во кој ќе бидат спакувани и предвремени избори и фазните гласања на уставните промени“, смета Иванов.
Професорот Жидас Даскаловски, пак, спротивно од ставот дека дополнителен дипломатски притисок би можел да вроди со плод за промена на ставот на опозицицијата, не очекува каква било промена од тоа што се случи на собраниската Комисија за уставни прашања која заврши за неполни два часа, откако „за“ гласаа десет пратеници, а „против“ беа седуммина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој дури и смета дека власта премногу време му изгубила на народот со празни ветувања.
– Одговорот е краток и јасен, не, нема да се изгласаат уставни промени. Долго време власта ни го губи времето, вели Даскаловски.
Според универзитетскиот професор и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин тешко е да се предвиди што ќе се случи со уставните измени, наспроти цврстиот став на опозицијата.
– Првите индикатори зборуват дека опозицијата нема намера да попушта и да го смени мислењето, независно што голем број европски политичари функсионери, па дури и САД се обидуа да влијаат врз расположението на водечаката опозициона партија за да го смени мислењето. Од денешен аспект следеќија собраниската расправа би било изненадувачки доклку се случи некој обрт, и доколку прифатат да гласат за дополнување на Уставот, но не знам со каков аргумент такавата канонада и вовед би го објасниле. За жал тешко е да се предвиди ова што сите граѓани во нашата држава очекуват да се направи, но тоа е волјата на опозицијата“, вели Ружин во изјава за порталот Фронтлајн.