Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ утрово пријавила во полиција упад во манастирскиот имот „Свети Атанасиј“ на тетовското Кале. Оттаму во соопштение до јавноста информираат дека е оштетена црквата, искршени се сите прозорци и направена е сериозна материјална штета.
„Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото Воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност“, соопшти Тетовско-гостиварската епархија.
Пред речиси една недела непознати сторители имаа поставено знаме на Албанија на куполата на црквата и знаме на ОНА на бандера на влезот на Калето.
На крајот на ноември лани во Тетовско, на Попова Шапка се случил сличен инцидент. Тогаш две маскирани лица го симнале знамето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставиле знамето на Албанија.