Венко Филипче на кормилото на СДСМ – најави реорганизација, приземна, отворена и модерна партија

Сега е време за обнова на СДСМ и многу работа. Малку имаме за славење. Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сигурен сум дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно, порача вечерва Венко Филипче, новиот лидер на СДСМ избран со 9.052 гласови.

„Но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите освен да напаравиме вистински темелни промени. Промените не можеме ниту да ги лажираме ниту да бидат половични. Граѓаните и нашите членови тоа ќе го препознаат и нема да ја вратат довербата. Промените мора да бидат вистински, искрени и пред се истрајни, за да може полека но сигурно да ги освојуваме срцата на граѓаните. Ако успееме во ова, силно верувам дека СДСМ ќе се врати уште посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок“,филипче.

Јован Деспотовски освои 2.705 гласови, од 95 отсто обработени гласови од 77 избирачки места.

Advertisements

Избирачкиот список броеше вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ. Излезноста е 54 отсто, објави претседателката на Централната изборна комисија (ЦИК), Викторија Аврамовска Мадиќ која исто како и Филипче изјавија дека изборите биле демократски и успешни.

Деспотовски пак смета дека претседателот е прогласен пред да истече рокот од 24 часа за приговори. Тој рече дека „не може да се зборува за избран претседател на партија кога 10.000 луѓе останале надвор , а има избран претседател со 9.000 гласови“.

Александар Бајдевски, поранешен заменик министер во министерството за информатичко општество и администрација,освои 905 гласови, а 190 гласови имаше и поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска. Таа непосредно пред изборите се откажа од лидерската битка.

Филипче вети дека како претседател нема да го дели членството, туку ќе обединува.

„Ветувам дека ќе водам со пример и тоа ќе го барам од секој во партијата. Ветувам дека силно ќе се спротиставам на оние кои сакаат да ја ослабнат партијата на сметка на личниот интерес. Ветувам дека ќе го заштитам и слушнам секој член и на секому ќе му дадам глас. Ветувам дека СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија подготвена за предизивиците кои следат. Многумина сакаат да ја видат СДСМ клекната и поразена. Се надеваат дека партијата нема да опстане и се ситат на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а они кои се надеваат на лоша иднина на партијата, длабоко ќе се разочараат.

Ветувам и дека ќе бидеме силна опозиција. Ќе се бориме со сите сили да ги спречиме лошите политики на власта, и ќе бидеме коректив во општеството. СДСМ бил и ќе биде гласот на разумот секогаш кога граѓанската волја ќе биде погазена или и се прават штети на државата.

СДСМ секогаш ја одбирала страната на напредокот, на демократијата, на државноста и европските вредности, и затоа мора да продолжиме да чекориме по тој пат. Мора да се бориме граѓаните тоа да го препознаат во нас, бидејќи тоа ќе значи победа за СДСМ“, рече новиот претседател на СДСМ Венко Филипче.